Во услови на неизвесност околу времетраењето и интензитетот на руско-украинскиот конфликт, како и околу можните ефекти од наметнатите санкции врз Руската Федерација за пазарите на енергенси, изгледите за растот на македонската економија во 2022 година се изразено надолни, односно претходната проекција од 4 отсто станува нереална во новите околности, порачуваат од Фајнанс Тинк и најавуваат дека нова проекција за растот ќе објават во јуни 2022 година.
-Неизвесноста во економијата се засили на почетокот на 2022 година, како резултат на зголемените притисоци од цените на храната и енергијата на глобално ниво. Притисоците врз цените и изгледите за растот дополнително се влошија со инвазијата на Руската Федерација врз Украина на 24 февруари 2022, оценува Фајнанс Тинк во Макроекономскиот монитор К4 2021 што го објави денеска.
Во публикацијата истакнуваат дека во четвртиот квартал од 2021 година БДП во земјава се зголеми за 2,3 проценти на годишна основа, со што целата 2021 година заврши со раст на БДП од 4 отсто.
-Овој раст е целосно во линија со проекцијата од Фајнанс Тинк од 4,1 отсто. Остварениот раст е резултат на понатамошната пост-пандемиска консолидација на економските текови, остварен на стабилизирана основа од истиот квартал од претходната година. Според дејности, растот произлегува од подобрите остварувања кај услугите, и посебно оние кои беа под директен удар на пандемијата: трговијата, транспортот и хотелиерството (9,2 отсто). Додека, падот на преработувачката индустрија (-4,8 отсто) продолжи (иако на висока споредбена основа), поради изразените неизвесности сврзани со ребалансирањето на глобалните пазари на стоки и импликациите за синџирите на снабдување, се вели во Макроекономскиот монитор К4 2021.
Сврзано со ова, се додава, извозот (1,8 отсто) бележи стагнација, но бруто инвестициите (21,1 отсто) бележат значајно закрепнување.
-Порелаксираното трошење во однос на 2020 година и растот на платите ја поддржаа приватната потрошувачка (5,7 отсто), додека јавната потрошувачка (6,5 отсто) го одржа темпото на поддршка на пост-пандемиското заздравување, што е во линија со продлабочувањето на буџетскиот дефицит во однос на привичните проекции (првична проекција 4,9, а остварување од 5,3 отсто од БДП), се посочува во Макроекономскиот монитор К4 2021.
Се нагласува дека невработеноста во четвртиот квартал од 2021 понатамошно благо се намали, на 15,2 отсто од претходните 15,7 отсто (К3-2021). Но, се намали и вработеноста, од 47,4 на 47,3 отсто. Овие остварувања се резултат на повторното пасивизирање на населението (помеѓу два квартала, близу 8.000 лица престанале активно да бараат работа).