Кина упатила серија остри приватни предупредувања до администрацијата на Бајден поради можната посета на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на Тајван во август, објави „Фајненшл тајмс“.
Весникот се повикува на изјавите на шестмина запознаени со предупредувањата на Кина, истакнувајќи дека тие се значително посилни од заканите што официјален Пекинг претходно ги упатуваше, кога не беше задоволен од американската политика или потезите кон Тајван.
Кина го смета Тајван за своја територија.
Приватните пораки сугерираат дека е можен кинески воен одговор, пишува „Фајненшл тајмс“, цитирајќи неколку лица запознати со ситуацијата.
Британските медиуми наведуваат дека Белата куќа, Националниот совет за безбедност и Стејт департментот одбија да го коментираат извештајот.
„Фајненшл тајмс“ уште во понеделникот објави дека Пелоси планира во август да го посети Тајван.
Кинеското Министерство за надворешни работи следниот ден соопшти дека нејзината посета на Тајван сериозно ќе го поткопа суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина, а последиците ќе ги сносат САД.
Американскиот претседател Џо Бајден во средата соопшти дека планира до крајот на јули да оствари разговор со својот кинески колега, претседател Си Џинпинг. Притоа Бајден изрази сомневање дека Пелоси ќе го посети Тајван.