Кога се оценува работата на еден систем, најважно е да се гледа што е променето во начинот на неговото функционирање, какви услови се создадени и какви резултати произведува.
Особено во фудбалот, каде една одлука или еден натпревар не можат да бидат единствена мерка за квалитетот на целиот систем.
Во последните неполни две години, Фудбалската федерација на Македонија направи значајни промени во сегментот на службените лица, со јасна цел, воспоставување повисоки стандарди, појасни критериуми, поголема конкуренција, подобри услови за работа, едукација и објективно следење на перформансите.
Процесот ги опфаќа судиите, асистентите судии, делегатите, контролорите на судењето, фитнес-секторот и едукаторите. Целта е создавање систем во кој напредокот е директно поврзан со квалитетот, знаењето, физичката подготвеност и континуитетот во работата.
Технологијата и индивидуален пристап
Во тој процес, технологијата е важен инструмент. Во ФФМ е имплементиран современ VAR центар, воведена е нова опрема и комуникациски системи, а со Garmin опремата се овозможува континуирано следење на тренингот и физичкото оптоварување на судиите.
Следниот чекор е воведувањето на VALD Performance системот, со кој физичката подготовка се подигнува на уште повисоко ниво. Наместо фокусот да биде само на исполнување на нормативите на фитнес-тестовите, се овозможува индивидуално профилирање преку мерење на сила, експлозивност, невромускулни способности и евентуални асиметрии.
Суштината на модерниот пристап не е само да се утврди дали судијата е подготвен, туку да се знае како може да биде уште подобро подготвен.
По повеќе од една деценија е направена поделба на судиските листи за Првата и Втората МФЛ. Тоа не е само административна промена, туку чекор кон појасна структура и поголема конкуренција, во која местото на листата се потврдува преку квалитет, знаење и континуитет.
Истата логика е применета и кај делегатите, а во футсалот за првпат се воведени контролори на судењето, механизам кој овозможува стручна и независна проценка на работата на службените лица.
Посебен акцент е ставен и на развојот на младите судии. По речиси 20 години повторно е организиран посебен семинар за млади и талентирани судии од регионалните лиги, со цел потенцијалот да се препознае порано, систематски да се следи и постепено да се развива. Дел од учесниците веќе се унапредени на листите за Втора МФЛ.
Резултатите кои се потврдени и надвор од Македонија
Промените во системот и условите за работа се проследени и со конкретни резултати на меѓународно ниво.
Во неполни две години, ФФМ доби две дополнителни места на FIFA листата за асистенти судии, со реална можност за дополнително место за главен судија. За првпат имавме и македонски VAR судија на европски натпревар.
Бројот на меѓународни судиски контролори е зголемен од два на пет, а бројот на UEFA делегати од четири на пет. Тоа претставува значително зголемување на присуството на македонски службени лица на листите на FIFA и UEFA.
За првпат имаме и македонско службено лице на водечка позиција во UEFA, со одговорност за физичката подготовка на елитните судии, како и лице во својство на организациски директор на натпревари и комесар за безбедност на UEFA натпревари.
Особеено значајно е што голем број асистенти судии од Првата МФЛ во изминатиот период добија можност да бидат дел од европски натпревари. Нешто што претходно беше многу ретка можност.
Тоа искуство е невозможно целосно да се симулира во сала за едукација. Меѓународен натпревар значи поинаков интензитет, различни стилови на игра, поинаква атмосфера и нови барања. Сето тоа создава искуство кое потоа повторно се враќа во домашното првенство.
И така системот расте.
Квалитетот што нашите службени лица го покажуваат секој викенд во домашните натпреварувања е нивната можност и препорака за настап на европската сцена. А успешното претставување на УЕФА натпреварувањата не е афирмација само на нивното име, туку и потврда за квалитетот на македонскиот фудбал во целина.
Имињата на оние кои го постигнаа тој успех се добро познати на фудбалската јавност. Но, суштината не е во индивидуална промоција, туку во препознавањето на системскиот напредок што стои зад секој таков исчекор.
Секако, успехот најмногу им припаѓа на нив, на нивниот талент, работа и дисциплина. Но, секој индивидуален успех има и поширока вредност, затоа што зад него треба да стои систем кој знае да препознае потенцијал, да го развива и да создаде услови тој квалитет да добие можност да се потврди и на европската сцена.
Прво и единствено вакво признание за македонското судење
Клучно признание за постигнатиот напредок е и официјалната посета на шефот на судиите на УЕФА, Роберто Росети, на ФФМ и Судиската организација.
Тоа беше прва, а воедно и единствена посета на шеф на судиите на УЕФА во Македонија откако ФФМ е членка на европската фудбалска организација.
Овој факт има посебна тежина. Ваквите посети не се случајни и не се само дел од вообичаен протокол. Тие се показател дека работата, промените и развојот на системот се препознаени и надвор од нашите граници.
Посетата на Роберто Росети затоа не треба да се гледа само како важен настан сам по себе, туку како признание дека македонската судиска организација е дел од процес што е видлив и на европско ниво.
Стандардите треба да станат правило
Сето ова не значи дека системот е завршен или дека нема простор за подобрување. Напротив, постигнатите резултати создаваат уште поголема обврска стандардите да бидат повисоки.
Подобрата организација и техничките капацитети треба да донесат подобра подготовка. Поголемата конкуренција треба да донесе подобри перформанси. Едукацијата треба да се претвори во поквалитетно одлучување на теренот.
Затоа напредокот не треба да се мери само според бројот на нова опрема, нови листи или меѓународни ангажмани. Вистинската вредност е во тоа дали тие инвестиции создаваат подобар процес, поголема конкуренција, отвораат пат за нови судии и, на крајот, резултираат со повисок квалитет на натпреварувањето.
Во таа смисла, фактите се најдобрата мерка.
Создадени се нови услови. Воведени се нови стандарди. Отворени се нови можности. Дел од резултатите веќе се потврдени на меѓународно ниво.
Следниот чекор е тие стандарди да станат правило, а не исклучок. Целта не е да се докаже дека системот е совршен. Целта е секоја следна сезона да биде подобра од претходната.




