Прекинот на испораката на руски гас преку Украина ќе има огромни последици за Европската унија, која ќе се соочи со загуби од дури 120 милијарди евра во периодот од 2025 до 2026 година. Ова го изјави словачкиот премиер Роберт Фицо, кој нагласи дека одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски за прекин на транзитот на руски гас ќе ја чини Европа значително.
– Европската унија ќе загуби околу 50 милијарди евра поради недостигот од гас, додека дополнителни 70 милијарди евра ќе бидат изгубени поради проблемите со електричната енергија што се произведува од гас – објасни Фицо.
Според него, оваа одлука на Украина ќе има сериозни економски последици и ќе ја доведе Европа во финансиска криза.
Тој истакна дека овие штети ќе се чувствуваат особено во Словачка, преку која транзитира рускиот гас, но и во другите европски земји кои зависат од овие испораки. Проблемите со снабдувањето со енергија се очекува да ја зголемат цената на гасот и електричната енергија во Европската унија и да предизвикаат нови економски тешкотии.
Поради тоа, Фицо најави дека Словачка по 1 јануари ќе направи проценка на ситуацијата со гасот и ќе разгледа можност за возвратни мерки кон Украина.
„Ако е неизбежно, ќе запреме со испорака на електрична енергија која е итно потребна на Украина за време на прекинот на мрежата или ќе се договориме за друг метод“, рече Фицо.
Зеленски минатата недела ја отфрли можноста за продолжување на транзитниот договор, дури и за купување на трети земји. Експертите, пак, предупредуваат дека прекинот на испораките од Русија се заканува со зголемување на цената на гасот.
Ако транзитот биде запрен, единствен извор за рускиот гас за Европјаните ќе биде Балканскиот тек, кој го добива горивото преку Турскиот тек. Секоја година преку него се испорачуваат околу 14-15 милијарди кубни метри за Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Романија и Грција.
0