Турција сака да биде дел од секоја нова европска безбедносна структура доколку НАТО се распадне, изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во интервју за британскиот весник Фајненшл тајмс, објавено денеска.

– Постапките на американскиот претседател Доналд Трамп се сигнал за будење – да се обединиме и да создадеме сопствен центар на гравитација, рече Фидан, додавајќи дека Турција е подготвена да биде дел од нова безбедносна архитектура на Европа доколку НАТО престане да постои.

– Духот е пуштен од шишето и не може да се врати назад, истакна Фидан, алудирајќи на неизвесноста околу иднината на европската безбедност.

Тој додаде дека дури и ако Трамп не се повлече од Европа сега, во иднина може да се појави лидер со слични ставови кој ќе го намали американскиот ангажман во европската безбедност.

Трамп, уште пред да стане претседател, се закануваше со повлекување на САД од НАТО доколку европските сојузници не преземат поголема финансиска одговорност за сопствената безбедност. Во последно време тој предложи земјите членки на Алијансата да ги зголемат трошоците за одбрана на 5 отсто од БДП.

фото: архива