ФИФА соопшти дека покренала истрага за швајцарските репрезентативци Ѓердан Шаќири и Гранит Џака, но и за српскиот селектор, Младен Крстајиќ.

Швајцарската репрезентација ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија, а стрелеци на голoвите за Швајцарија беа Џака и Шаќири.

Швајцарските фудбалери, кои имаат албанско потекло, на головите и на победата се радуваа гестикулирајќи орел како симбол на албанското знаме, а многумина особено од српската страна тоа го сфаќaат како политичка провокација.

ФИФА соопшти дека ќе отвори истрага и против Фудбалската федерација на Србија за проблемите со српските навивачи кои извикувале политички и навредливи пораки, но и против српскиот селектор, Младен Крстајиќ, за изјавите по натпреварот.

Од ФИФА не наведуваат точно за кои изјави на Крстајиќ станува збор.