Министерот за здравство Венко Филипче смета дека до крајот на летото во Македонија може да биде постигнат процент на имунизирани лица за кој ќе може да се каже дека е колективен имунитет, односно оти дотогаш би можеле да бидат вакцинирани околу 600 илјади граѓани, што, како што истакна е 50 проценти од популацијата планирана за вацинација.
– Досега се вакцинирани под 300.000 граѓани, а планирано е во следниот период да се вакцинираат уште 300.000 луѓе. Сметам дека до крајот на летото ќе постигнеме процент на имунизирани за кој ќе можеме да кажеме дека е колективен имунитет, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со кинескиот амбасадор во Македонија, Џанг Ѕуо.
Тој додаде дека се уште не се знае како ќе влијаат мутациите на коронавирусот, но нагласи дека искуствата од другите држави, вклучувајќи ја и Кина, покажуваат оти вакцините се многу важен фактор во борбата против пандемијата и дека спречуваат тешки форми на болеста.
Министерот за здравство вели дека со оглед на тоа што до крајот на месецов ќе стасаат 500 илјади вакцини од кинескиот производител „Синовак“, како и поголеми дози вакцини Фајзер ќе може да се вакцинираат по 15 до дваесет илјади граѓани на ден. Вакцините следниот понеделник ќе бидат распределени на пунктовите за вакцинација.
Филипче апелираше граѓаните кои се заиантересирани да се пријавуваат на сајтот за вакцинација, бидејќи, нагласи тоа е наједноставниот и најефикасниот начин да се планира процесот.