Епидемијата на морбили министерот за здравство Венко Филипче очекува да заврши за околу 14-15 дена колку што е и периодот на инкубација од моментот кога последниот пациент со мали сипаници бил примен на Инфективната клиника.

-Се надевам дека нема да бидат пријавени нови случаи на морбили, вели министерот Филипче во интервју за ТВ 24 Вести.

Според него, најголем проблем во однос на невакцинираноста кај нас се децата коишто одат во градинка, затоа што кај децата кои ќе тргнат во прво, односно второ одделение сериозно е висок опфатот со вакцинација.

-Ние имаме проблем со малите деца. Родителите очигледно под влијание на антивакциналните кампањи чекаат децата да проодат или да прозборат плашејќи се притоа да не заболат од некаква болест која што наводно е во релација со вакцините и после тоа ги вакцинираат. Значи најголем процент од невакцинираните деца се децата коишто имаат една, две, три, четири години и понатаму процентот на невакцинирани деца значително опаѓа. Тоа е период кога децата стануваат посамостојни и тогаш родителите се сигурни дека не може тоа да се  доведе во релација со некоја болест како аутизмот и ги вакцинираат своите деца. Во таа смисла сметам дека овие кампањи се апсолутно неоправдани и носат само еден огромен ризик да се вратат болести коишто се смртоносни и кои кај нас биле искоренети пред многу години, а кои денес се огромен проблем во неразвиените земји, појаснува Филипче.

Тој истакна дека за справување со проблемот антивакциналните кампањи, покрај прогласувањето на епидемија од морбили од Министерството спроведуваат на терен кампања за да се подигне свеста кај поупалцијата и да се покаже дека не постои апсолутно никаков ризик од вакцинацијата, како и оти таа не може да се доведе во корелација со ниту една болест.

Нагласи дека во тек е и сериозна кампања кај здравствените работници затоа што, рече, во многу случаи сме сведоци дека токму здравствените работници се тие кои ги промовираат антивакциналните кампањи.

-Свесни сме  за тоа и токму во овој момент се прави анализа на сите документи што биле издадени на невакцинираните деца за да утврдиме вакви случаи, рече Филипче. в