Министерство за здравство информира дека денеска до 19 часот се вакцинирани вкупно 488 деца со МРП вакцина.

Од Министерството апелираат до сите родители да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцина, која, како што тврдат, е висококвалитетна и ефективна, а производител е GlaxoSmithKline од Белгија.

Вакциналните пунктови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит Пазар“ и „Јане Сандански“ ќе работат и утре (04.01.2019 година) до 19:00 часот, се наведува во соопштението од Министерството.

Оттаму потсетуваат дека се уште е на сила наредбата дека децата, кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата на морбили (мали сипаници) прогласена во Скопје.

На социјалните мрежи и натаму се води полемика про и контра вакцините, а објавено е и дека на 21 декември 2018 година Министерството за здравство распишало тендер за вакцини во висина од 10.7 милиони евра. Многумина се сомневаат во „блискоста на датумите“ со распишувањето на тендерот за вакцини и прогласувањето на епидемија во Скопје.