Седницата на Централниот одбор на СДСМ, одржана синоќа, на која е одлучено да се одржи конгрес за избор на ново раководство и за нови политики и да се воведат функции двајца организациски секретари, била вистински фијаско за партискиот лидер Венко Филипче, објави порталот Плусинфо.
Како што пишува Плусинфо, веројатно разочарани од однесувањето на Филипче и од неговата променада во Дубаи, а и од многу други причини, голем број партиски кадри од т.н. прва постава на Централниот и на Извршниот одбор, како и од пратеничката група на СДСМ, едноставно, не дошле на седницата на Бихаќка, на која е донесена одлука за свикување партиски конгрес.
Седницата се одржала на работ на кворум, а отсуствувале поранешниот лидер Димитар Ковачевски, генералниот секретар Миле Зечевиќ, секретарот за меѓународна соработка Бојан Маричиќ, досегашните потпретседатели Стефан Богоев и Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеничката Славјанка Петровска, Андреј Петров, Петре Шилегов и неколку членови на Извршниот одбор, повеќе пратеници…
Од фотографиите објавени од седницата токму на страницата на СДСМ, може да се забележи дека на работната маса лидерот го придружува еден член на стручните служни на Бихаќка и Јон Фрчковски, во непознато својство.
Бесен од оваа срамна слика, Оливер Спасовски дискутирал остро и неговиот говор бил доживеан како жестока критика на раководството на партијата на чело со Филипче, кој од Бихаќка направил не втора или трета партиска лига, туку потсојуз.
Не поминал ни предлогот за статутарна промена со која би се укинало местото заменик претседател. Некои членови на Централниот одбор ја нападнале оваа идеја како отстапка од политиките за родова еднаквост. Досегашната заменичка Сања Лукаревска резигнирано рекла дека слободно можат да го укинат тоа местро, бидејќи таа и досега не се чувствувала како партиски функционер. На ова се надоврзал партискиот потпретседател Фатмир Битиќи, кој рекол дека ако сакаат можат да ги укинат и потпретседателските места во партијата, бидејќи и тие ништо не значат, пишува Плусинфо.
Официјалното соопштение од СДСМ, кое го објавуваме во продолжение, е со „поинаков тон и слика“. Партијата наместо со својот проблем и консолидирање и „покажува заби“ на ВМРО-ДПМНЕ.
Централиот одбор на СДСМ донесе одлука дека на 24 ноември 2024 година ќе се одржи 30-тиот Конгрес на партијата на кој ќе се избре новиот Централен одбор и ќе се разговара за идните политики на партијата.
Како што информира СДСМ, согласно одлуката на Централниот одбор, на 30-тиот Конгрес ќе бидат предложени измени на Статутот на СДСМ со воведување на уште еден организациски секретар и со прецизирање на принципите на родова еднаквост за избор на заменик-претседател на СДСМ.
-Воведувањето на два организациски секретари е поради потребата од засилување и подобрување на оперативната работа на партијата, се наведува во соопштението.
На вчерашната попладневна седница на Централниот одбор на СДСМ се разговарало за актуелната политичка и економска состојба во земјата.
– Оценка е дека за само пет месеци Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги изневерија граѓаните и ги погазија сите изборни ветувања пред и за време на изборната кампања. Власта спроведува погрешни економски политики поради кои животниот стандард на граѓаните опаѓа, цените растат а се намалуваат платите, додека на грбот на граѓаните се товарат нови долгови. Секојдневно се случуваат бројни скандали и злоупотреби за кои нема одговорност од власта, се спроведува брутална партизација на институциите и целосно истиснување на професионалците. Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ досега не испорача никаков резултат, ја загрози европската перспектива на земјата и Македонија ја води во голема неизвесност, се вели во соопштението.
Според СДСМ, заедничка е оценката дека интензивната работа во изминатиот период води до консолидација на партијата и забележано е подобрување на атмосферата во општинските организации и до посетепено враќање на довербата.
-СДСМ и во опозиција останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да се спротивставува на погрешните политики на власта, но и со активностите кои значат грижа за стандардот на граѓаните, преку законски решенија во Собранието, стои во соопштението.