Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска повика на масовна излезеност во вториот круг на локалните избори в недела и поддршка од граѓаните за кандидатите на СДСМ и коалицијата.

– Сите кандидати ќе бидат на ваша страна за програми кои се реални и кои може да се испорачаат. Со гласот за нив, порачувам до граѓаните дека гласаат за чесност, за отчет и за луѓе со резултати зад себе, рече Филипче на прес-конференцијата во партиското седиште на СДСМ во Скопје.

Кандидатите на СДСМ кои се бореле за вториот круг во 17 општини, според него,  покажале што значи да се направат програми и истрчале добра кампања,  но „се соочиле со притисоци, заплашувања и злоупотреба на институциите од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ“.

– И за време на периодот во првиот круг и во изминатите две недели сведоци сме на континуирани притисоци и врз нашите кандидати, членовите на тимовите, од страна на полицијата, единиците за брзо распоредување, од службите за социјална работа, од единиците на Управата за јавни приходи и тоа го детектиравме во буквално сите општини посебно засилено во 17 општини во очи на вториоит круг. Јасно е дека е карактеристика на ВМРО-ДПМЕ секогаш кога се на власт да го злоупотребуваат државниот апарат и да се обидуваат и да спроведуваат поткуп кај граѓаните, рече Филипче.

Од друга страна, дополни, барам поддршка за нашите кандидати –  луѓе добро препознаени во своите средини кои водеа искрена и фер кампања.  – Затоа што со избор на Александар Трајановскик  во Аеродорм, Перо Костадинов во Валандово, Гоце Милевски во Виница, Лазар Петров  во Демир Капија, Ристо Џинев во Дојран, Ванчо Митев во Зрновци, Благоја Илиев во Коче,  Томе Христовски  во Крушево, Аци Велковски во Лозово, Соња Стаменкова во Македонска Каменица,  Петар Мантев во Неготно, Драган Атанасов во Пробиштип, Даниел Крстевски Ранковце, Стојан Николов во Росман, Горанчо Крстев Чешиново Облешово, Сашко Комненовиќ во Чучер Сандево и Горан Герасимовски  граѓаните добиваат градоначалници кои ќе работат исклучиво во нивни интерес и ќе одговараат пред нив, наведе претседателот на СДСМ.

Нагласи дека во вториот круг бараат поддршка од сите граѓани и гласачи без оглед за кого гласале во првиот круг.

– Ги повикувам и сите кандидати и нивните поддржувачи кои не поминаа во вториот круг да се приклучат во оваа борба за поддршка на овие вредносни политики. Во општините каде СДСМ нема кандидат во вториот круг секој член, граѓанин и симпатизер има целосно право да одлучи согласно сопственото убедување според тоа кој кандидат носи вредности блиски до социјалдемократската идеја и вредности за чесно владеење, за почит, за еднаквост и за развој, рече Филипче.

Потенцираше дека во тие општини СДСМ нема да навлегува ниту навлегле во некакви калкулации и заткулисни договори.

Филипче тврди дека  СДСМ нема формална соработка ниту разговори со ниту една партија за  избор на градоначалник на Скопје каде во вториот круг се кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски и на Левица Амар Мециновиќ.

– Немаме формална соработка ниту разговори со ниту една партија, ниту со ВМРО-ДПМНЕ, ниту со Левица, нашите членови и симпатизери нека одучат врз основа на тоа кој сметаат дека ќе може подобро да го води градот, рече Филипче, на новинарско прашање.

Нема, како рече, ниту договор за поддршка на Сотир Лукровски  во Карпош, иако беше објавена заедничка фотографија на кандидатката на СДСМ Маја Мојсовска од првиот изборен круг со Лукровски.

– Не станува збор за никаков договор, разговарав и со Маја ќе се видиме во текот на денов, таа напиша и едне пост, тоа го препишувам на политичко неискуство, нема никаков договор за поддршка на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во општина Карпош, каде и ние се боревме во првиот руг, рече Филипче.

Во однос  на другите општини, наведе, луѓето многу добро знаат кои се кандидатите на кои може да им се верува, кои ќе испорачаат, кои имаат добри релации и тоа ќе биде теркот на СДСМ на денот на гласањето.

Филипче смета дека треба да продолжи, како што рече, трендот на пад на поддршката на владејачката гарнитура.

– Тоа беше евидентно во првиот круг, ВМРО-ДПМНЕ изгуби над 140.000  гласа за нешто повеќе година што е јасен индикатор дека опозициското расположеие расте. Очекувам тоа да се засили и во периодот по изборите затоа што власта не понуди решение за најтешките проблеми на  граѓаните, рече Филипче.

Гласањето, порача, е нашиот најмоќен протст против неспособноста, најсилен отпор кон апатијата и единствен начин да изградиме општетва што се фер, нормални и блиски до граѓаните.

– Во недела секој глас може да направи и ќе направи разлика. Ве повикувам да излеземе масовно на  изборите. Гласајте за вистински сервис на граѓаните, за кандидатите што нема да ја затворат вратата по изборите туку ќе биде отворена секогаш кога кој било граѓанин ќе има потреба, рече Филипче.