Македонија ќе ги следи примерите на Канада и на Германија и нема да вакцинира лица помлади од 60 години со вакцината на „АстраЗенека“, соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето во „Клик Плус“ на ТВ21.
– Вечерва по двата извештаи на Канада и на Германија донесовме одлука дека ќе ги следиме нивните препораки и нема да вакцинираме со „АстраЗенека’ лица кои се помлади од 60 години. Ние, секако, утре почнуваме со вакцинација на повозрасни граѓани на возраст над 77 години, рече Филипче.
Тој додаде дека дополнително ќе се обратат и до Европската медицинска агенција (ЕМА) за став во врска со вакцината на „АстраЗенека“ по одлуките на Канада и на Германија.
– Буквално секоја вакцина која влегува во земјава е сигурна и безбедна. Националната стратегија е правена за да се категоризираат ризичните групи. Ќе ги следиме сите насоки кои произлегуваат од меѓународните регулатори, додаде Филипче.
Тој потести дека утре почнува вакцинацијата во пунктовите во здравствените домови, нагласувајќи дема се проценува оти може дневно да се вакцинираат седум до 10 илјади граѓани на територијата на целата држава.
– Целокупниот процес се одвива во тоа што е напишано во националната стратегија за имунизација и приориетните групи се одредени од страна на Светската здравствена организација. Динамиката на спроведување е направена така, дека навистина голема количина вакцини ќе стигнат во април и дефинитивно ќе се осигураме дека процесот на имунизација кога ќе започне, нема да сопре, рече Филипче.
Тој нагласи дека за утре на првиот ден на вакцинацијата се повикани поврзасните граѓани, посочувајќи дека вчера кога биле отворија термините, тие биле речиси пополнети.
Филипче додаде дека се очекува веќе од следната недела да почне и масовната вакцинација во салата „Борис Трајковски“, која е во фаза на подготовка.
– Очекувам салата „Борис Трајковски“да биде спремна до крајот на неделава и веќе од следната да почне и таму масовната имунизација, додаде Филипче.