Вакцинацијата на постарите граѓани со АстраЗенека се одвива добро, истакна министерот за здравство Венко Филипче, но во однос на ставовите на Германија и Канада конкретно за таа вакцина за Ковид-19, посочи дека одлучиле да бидат внимателни, да се оди полека и да се чека дефинитивна потврда дека вакцината е безбедна.

– Почна вакцинацијата на постарите граѓани од онаа критична категорија според Националната стратегија за вакцинација. Вакцинацијата почна во најголем број од градовите, а во останатите, односно во помалите градови во здравствените домови ќе започне в петок. Нашите информации се дека досега целокупниот процес се одвива добро. Нема некакви проблеми. Јасно се одбележани местата каде е пријавата, каде се пополнуваат документите, изјави вчера Филипче.

Во врска со вакцината на АстраЗенека и  информациите како став на Германија и Канада со оглед на тоа што имаше пријавени случаи на тромбоза на лица под 55 години, односно 60 години, Филипче посочи, дека сакаат да бидат многу претпазливи.

Имајќи предвид дека еден дел од граѓаните се вакцинираа во Србија во изминатиот период, појасни, засега нема никакви препораки дека нешто превентивно треба да се прави ако некој примил една доза на вакцината на АстраЗенека.

– Сепак станува збор за многу ретки случаи. Во однос на ревакцината, сите граѓани кои се вакцинирани ќе бидат ревакцинирани согласно препораките кои ги очекуваме во следниот период. Значи ќе започнеме со оние други категории граѓани за што веќе ги собираме податоците тогаш кога ќе бидеме сигурни дека вакцинацијата со оваа вакцина може да продолжи и кај помлади луѓе. Имајќи го предвид сето ова и ставовите на овие сериозни агенции за лекови, Германија и Канада ќе бидеме внимателни и ќе видиме во која насока ќе продолжиме, истакна Филипче.

Потенцира дека верува оти ќе се потврди уште еднаш дека бенефитот од вакцината во смисла на тоа ризикот да се заболи од тешка форма на Ковид-19 е многу поголем од ризикот да се добие некаква таква компликација.

– Нема да избрзаме, ги чекаме сите препораки од официјалните институции вклучително можеби и некаква препорака од производителот, додаде Филипче.

Тој нагласи дека масовна вакцинација треба да има бидејќи тоа е еден од клучните елементи со кои се бориме со пандемијата, но, како што рече, секако ќе ги пратиме препораките дали некоја возрасна група треба да биде повнимателна или не, или треба евентуално да консултира лекар пред да се прими вакцината.

– Последните насоки од Германија  се такви, но, додека не сме сигурни, нема да ја почнеме вакцинацијата која ја најавивме за почеток на следната недела на останатите групи граѓани кои се во втората група,  посочи министерот за здравство.

До Министерството стигнале огромен број повици и барања од луѓето кои се вакцинирале со вакцината Астра Зенека, но, Филипче уверува дека нема простор за паника.

– Не треба ништо превентивно да се прави, барем засега нема таква препорака. Така да во таа смисла, тогаш кога ќе стигнат сите информации ќе излеземе со нашиот дефинитивен став, а до тогаш нема да ја почнеме таа вакцинација, рече Филипче.

Сега, вели тој, е премногу рано да кажеме дали има откажување, но потенцира дека нема никакви регистрирани несакани ефекти кај постарите лица.

Во однос на состојбата во болниците, министерот за здравство нагласи дека е многу сериозна, апелирајќи граѓаните да ги почитуваат мерките.

– Здравствениот систем секојдневно се менаџира, се обезбедуваат нови болнички легла, медицинскиот кадар е целосно мобилизирани, но состојбата во болниците е многу сериозна, објави на својот фејсбук профил Филипче.

Затоа, посочи министерот, од огромна важност е граѓаните да ги почитуваат мерките, за да ни помогнат здравствениот систем да остане одржлив, во битка со ковид пандемијата.

Според вчерашните податоци на МЗ вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1581, а има околу 260 празни болнички кревети во ковид центрите. 

Комисијата за заразни болести, според најавата на Филипче, вчера требаше да одржи состанок, но тој нагласи дека смета оти нема да има нови мерки, бидејќи било констатирано дека никаква дополнителна рестрикција од тоа што е сега не може да даде ефект.

-Гледавме што се случува во многу други земји. И во земји во кои имаше многу поголеми рестрикции од нашата сега имаше исто така многу силен бран.  Привремени од неколку дена одлуки за карантин не дадоа никаков ефект и тоа оди во прилог на тезата дека кога има широко распространета локална трансмисија единствено нешто што треба да се прави е да се почитуваат сегашните мерки, додаде Филипче.

Според вчерашниот билтен на Министерството за здравство од направени 4445 тестирања, беа регистрирани се 1511 нови случаи на Ковид-19. Регистрирани беа 587 оздравени пациенти, а бројот на починатите вчера изнесуваше 32 лица.

Во моментов се активни 19 262 случаи на заболени со Ковид-19. Од почетокот на епидемијата вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица изнесува 130.022, бројката на оздравени пациенти е 106 979, а на починати е 3781.