Аплициравме за вакцини против Ковид-19 преку Ковакс механизмот, како и сите други земји во регионот, за 20 отсто од населението. Тоа се 800.000 дози, заради тоа што ќе треба по две дози, една и после неколку недели уште еднаш согласно сегашните сознанија за развој на антителата. Како што сега стојат сознанија во однос на напредокот, очекувањата се дека вакцината ќе биде достапна на почетокот на следната година. Вакцината нема да биде задолжителна, бидејќи не е влезена во календар, но ќе има силна препорака, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Посочи дека тоа е систем на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација, кој овозможува како што ќе доаѓаат вакцините од различни производители еднакво да бидат дистрибуирани кон сите земји што аплицирале на тој механизам.
– Сите земји од регионот и Европа аплицираа во тој механизам и тоа е едниот начин за пристап до вакцината. Еве последните информации се дека во крајните фази од истражување е т.н оксфордска вакцина на компанијата „Астра Зеника“. Имаме понуда и од уште две европски земји кои потпишаа и билатерален договор со компанијата, само земји – членки на ЕУ. Полска ни пристапи и ни понуди да одредена количина ни препродадат од нивната. И премиерот Мицотакис на премиерот Заев исто така му укажал дека ќе може да сметаме и на одредена количина и од Грција. Очекувањата се дека ќе биде во првите неколку месеци од следната 2021 година, рече Филипче во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија.