Нашата земја е заинтересирана за купување на кинеските вакцини „Синовак“ и „Синофарм“, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче. А само пред неколку дена премиерот Зоран Заев изјави дека „ние сме членка на НАТО и држиме до вакцини кои се потврдени од здравствени институции во западниот свет“.
-Премиерот ја најави како една од опциите. Разговаравме со преставници на кинеската амбасада и уште пред некое време стапивме во контакт, кои што ни ги дадоа токму од кинеската амбасада. Сега чекаме детали во однос на договорот во однос на цената, во однос на испораката и верувам дека до крајот на оваа недела сите детали ќе ги имаме, изјави Филипче во емисијата „360“ на ТВ Алсат.
На прашањето, дали проблем може да биде тоа што овие вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови, Филипче одговори негативно.
-Сосема соодветни се документите, сертификатите што сите производители на вакцини ги имаат од своите матични земји. Во таа смисла, начинот на кој се евалуираат сите резултати од клиничките студии, процесот на изработка на вакцините, конкретно овие за кои зборуваме, е одлично познат на нашите експерти. Токму тоа го анализираа буквално за сите вакцини кои се сега на пазарот, така што, нема никаква административна пречка и, секако, дека нема сомнеж во нивниот квалитет, потенцира Филипче.
Вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вчера во Брисел се сретнаа со еврокомесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчич, но не добиле конкретен рок кога Македонија може да очекува вакцини од ЕУ, јави МИА.
Изворите на МИА во Европската Комисија (ЕК) порачуваат дека институцијата не е во можност во овој момент да даде рок и ветување за достава на вакцини поради тоа што и самите земји членки на ЕУ се соочуваат со недостаток на дози за своето население.
Пред два дена премиерот Заев изјави дека „ние сме членка на НАТО“ и ни прилега да користиме вакцини како и западниот свет:
-Ние сме нова членка на НАТО, генерално се држиме кон западниот свет и вакцините потврдени од тамошните здравствени институции, рече Заев.
Тој додаде дека централата на „Фајзер“ за Југоисточна Европа била во Белград и затоа српските граѓани добиле вакцини и од оваа компанија.