Логично е барањето на угостителите и ќе биде разгледано на некој од следните состаноци на Комисијата за заразни болести, рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
Според него, што и да важи како ослободување на мерките, нема да биде пред 21 јануари.
-Ова скратување на времето дополнително, иницијално кога беше донесено минатиот месец, рековме дека ќе биде до 21 јануари, кога практично и завршуваат прославите, верските празници, и тогаш веќе по автоматизам се враќаат на работното време до 21 часот. Ние, ќе го разгледаме барањето дали би можело да се продолжи за уште два часа, истакна Филипче, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Клиниката за гинекологија.
Дел од угостителите вчера излегоа со барање од понеделник да работат не до 21:00, туку до 23 часот. Ова следуваше по изјавата на министерот Филипче дека ако остане состојбата стабилна, ќе им се врати работното време до 21 часот.
Владините рестриктивни мерки, меѓу кои беше и скратувањето на работното време на угостителските објекти до 18 часот, стапија во сила на 18 декември 2020 година. Нивната цел беше да се спречи ширењето на КОВИД и зголемувањето на бројот заболени за новогодишните и божиќните празници. Мерките треба да престанат да важат на 21 јануари 2021.
Првите вакцини ќе стигнат на крајот на месецов или на почетокот на февруари
Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека вчера со писмо е најавено дека првите вакцини од околу 833 илјади дози преку Ковакс-механизмот е можно да стигнат на крајот на јануари или на почетокот на февруари и согласно со спремноста на нашиот здравствен систем за нивно аплицирање, нашата земја би била меѓу првите што ќе ги добие вакцините преку овој механизам.
Според нивното писмо, како што рече, станува ззбор за вакцини од „Фајзер“, а следна која доаѓа предвид, рече министерот, е вакцината на „АстраЗенека“.
-Освен најавата дека е можно да стигне одредена количина на крајот на јануари или почетокот на февруари, нема најава за точна количина, како што нема ни една земја од Ковакс-системот. Очекуваме тоа да биде следниот чекор, изјави Филипче одговорајќи на новинарски прашања.
Рече дека сме аплицирале со сите документи во однос на спремноста – со анализата и евалуацијата на нашиот систем направени со Светската здравствена организација.
– Аплициравме да бидеме во првата група земји коишто би ги примиле вакцините, согласно со спремноста на нашиот систем во однос на чувањето на температура на -70 степени, дистрибуцијата и практичната апликација преку центрите за здравје односно здравствените домови. Крајниот рок за апликација е 18 јануари, тогаш сите земји, според евалуацијата на СЗО се спремни, може да аплицираат, останува да видиме кога точно би пристигнала пратката, рече министерот за здравство.
Преку Ковакс-механизмот ќе добиеме 833 илјади дози вакцини за над 400 илјади граѓани. Покрај овие, ќе имаме околу 800 илјади дози од директната спогодба со „Фајзер“ како и преку третиот, солидарен механизам – отстапување одреден процент од вакцините што ги набавуваат земјите членки на ЕУ.
Филипче додаде дека со вакцините од сите механизми ќе бидат вакцинирани 1,2 милион граѓани во земјава, што е речиси 60 проценти од населението и, како што рече, предвидувањето е дека со нив треба да се постигне колективен имунитет.
Филипче: Епидемилошката состојба стабилна, прекршувањата за празниците не беа чести и многу
Епидемилошката состојба е приличо стабилна, и натаму е оној тренд на исклучително мал број пациенти и верувам дека така ќе остане, оцени министерот за здравство Венко Филипче.
Тој, како што изјави денеска по посетата на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, верува дека за време на празниците прекршувањата на мерките не беа чести и многу и дека сме во еден навистина период на стабилна епидемилошка слика во кој добро се менаџира и делот со тестирањата и во делот на хоспитализацијата.
– Епидемилошката ситуација би рекол дека е прилично стабилна. Значајно се намалува бројот и во овие изминати денови на пациенти на коишто им е потребна хоспитализација, а и понатаму е оној тренд на одржување на оној исклучително мал број хоспитализирани пациенти во сите болници не само во Скопје, туку и ширум државата. Верувам дека ќе остане вака, верувам овие прекршувања на мерките навистина не беа чести и не беа многу, гледавме по телевизиите и мислам дека сме во еден период на стабилна епидемиолошка слика во која што добро се менаџираат и делот на симптоматски пациенти на коишто им е потребно тестирање. Значајно се олесни и тој дел со тестирање со брзите тестови во сите јавни здравствени установи и во делот на хоспитализација каде што има сосем доволен број болнички кревети и сосем доволен број лекари, медицински сестри за третман на пациентите, изјави министерот за здравство одговарајќи на новинарско прашање.
Во врска со прославата на министри од ДУИ, Филипче посочи оти тоа е доказ дека законите важат за сите.
– Мерките важат за сите. Ете и тие колеги излегоа и кажаа дека ќе ги платат казните предивдени со сите мерки и санкиции и што е доказ дека законите важат за сите, истакна Филипче.