Министерот за здравство Венко Филипче денеска информира дека пред две недели ги финализирале работите за кредитната линија со банката на Советот на Европа за изградба на новиот Клинички центар.
– Заеднички заклучивме дека е потребно делот за Клиничкиот центар во Скопје да се откаже, а понатаму да аплицираме за нашиот нов концепт. Тоа и го направивме. На крајот на месецов е закажан нов состанок со претставници на банката за дополнително кредитирање за новиот Клинички центар и во наш план е нова болница на местото на сегашниот Мајчин дом, рече Филипче, одговорајќи на новинарско прашање по отворањето на Сензорната соба во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје.
Филипче појасни дека Мајчин дом е место каде можат да се изградат 19.000 метри квадратни и смета оти е најсоодветно за да се префли старата Градската болница, која се наоѓа спроти Собранието на РМ и зафаќа простор од околу 5.000 метри квадратни.
– Таму е почната реконструкција, но инфраструктурата е многу стара. Сметаме дека е невозможно да се доврши соодветно и тоа да биде една модерна здравствена установа. Дополнително и вработените се согласни со овој концепт, рече Филипче.
Во останатиот простор што може да биде на располагање на местото на сегашниот Мајчин дом, Филипче најави дека ќе разговараат со претставници на интерните клиники затоа што сметаат дека тоа е соодветно место и оти дел од нив може да се префлат таму. Додаде дека дел од интерните клиники работат во лоши услови и имаат многу оштетувања на покривот, чести поплави…
– Нема да наметнуваме решение. Ќе го изнајдеме заедно со стручните директори на клиниките и со колегите од клиниките, рече Филипче.
Прашан кој треба да се грижи за хигиената на Клинички центар, Филипче рече дека таа е во ингеренции на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), но пред неколку години од МЗ им е одземена и бил распишан тендер за чистење на кругот на Клиничкиот центар.
– Ние затекнавме хаотична ситуацијата во која немаше важечки договор. Во разговор со директорката на СОЗР се договоривме дека таа ингеренција треба да им се врати. За кратко време ќе почне постапка за распишување тендер за компанија која ќе го чисти кругот на Клиничкиот центар, а под ингеренции на СОЗР. До тогаш неколку скопски општини и Град Скопје излегоа во пресрет и во неколку наврати се исчистија улиците низ Клинички центар и се собра ѓубрето, рече Филипче.
Мининистерот за здравство рече дека дополнително во следните неколку недели планираат целосна промена на оштетениот асфалт на сите улички во рамки на кампусот.