Од денеска почнуваат нови рестриктивни мерки кои ќе важат следните две недели. Целта е да се заштити здравјето на граѓаните и здравствениот систем. Во изминатиот период имаше огромен наплив на пациенти во болниците. Интервениравме со ангажирање дополнителни одделенија, инсталирање кислород, екстра кадар по системот на ротација и успеавме добро да го одржиме здравствениот систем и за секој пациент да се обезбеди болнички кревет.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека сега сме во период кога е навистина оптоварен здравствениот систем, а пред нас се празници. Филипче до пред неколку дена изјавуваше дека се е под контрола, дека треба да излеземе на попис, дека не се потребни нови мерки, заедно со премиерот Зоран Заев се рекреираа на мотори и слично.

– Имајќи го предвид искуството од минатата година кога ваквите празници конкретно рамазанските пости и Велигден во истиот период, сериозно ја искомплицираа и ја усложнија епидемиолошката ситуација, сметаме дека доколку тоа сега се случи со веќе оптоварен здравствен систем, тоа ќе биде кризна ситуација што тешко ќе се менаџира. Тоа е причината за воведувањето дополнителни рестриктивни мерки со цел овој трет и досега најсилен бран на Ковид-19 на некој начин забрзано да го завршиме. Верувам дека граѓаните ќе се придржуваат до сите овие мерки. Мора да сме свесни дека со сопственото однесување, одговорност, носењето маска и одржувањето дистанца придонесуваме за што пократко време да заврши и овој бран, рече Филипче.

Посочи дека во салата „Борис Трајковски“ почна имунизацијата на населението, конкретно на вработени во критичната инфраструктура.

– Вчера се вакцинирани близу 2500 граѓани и продолжува оној систем на имунизација во сите здравствените домови ширум државата на возрасната категорија граѓани над 77 години. Како доаѓаат вакцините ќе се дополнуваат овие два системи, ќе се намалува возрасната граници. Возрасните граѓани ќе бидат повикувани преку матичните лекари, а преку системот на закажување и пријавување во институциите ќе се зголемува и бројот на граѓани кои ќе се вакцинираат во салата „Борис Трајковски“. Оптимумот, бројот кој сакаме да го постигнеме е да имаме околу 7000 вакцинирани граѓани на ден. Би можело тоа и да се зголеми, меѓутоа одиме чекор по чекор. Сепак ова е нов систем и сакаме добро да функционира. Вчера немаше никаков проблем и се надевам така ќе продолжи и во следниот период, додаде Филипче.

Мерките не биле политички, врвен приоритет ни е здравјето

Никогаш досега од лани кога започнавме со менаџирање на кризата мерките не биле политички мотивирани и секогаш сме се воделе од заштита на јавното здравје, како наш врвен приоритет.

Ова е одговорот од министерот за здравство Венко Филипче, кој откако денеска го посети А1 Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје, од страна на новинарите беше прашан дали последните донесени одлуки се политички, со оглед на тоа што и пописот е одложен.

-Точно е дека вирусот е широко распространет, а дека мерките кои важеа досега се ефективни, рече Филипче.

Тој појасни дека во многу градови, меѓу кои и главниот епидемиолошката крива веќе е порамента, а притисокот врз болниците изминатите два до три дена, во споредба со пред една недела се намалува.

– Што сакаме да спречиме. Во ваква ситуација кога имаме преоптоварени болници, со дополнително комплицирање на ситуацијата, што очекуваме да се случи за време на празниците доколку не се почитуваат мерките, како што тоа беше лани, ние нема да можеме да издржиме, ниту пак ќе може добро да се изменаџира. И тоа е причина зошто сега во овој период во пресрет на празниците една недела пред почеток на постите, Велигден се паѓа околу 1 мај, сметаме дека треба таква дополнителна рестрикција за доополнително да се намали притисок кон болниците и дополнително да спласне бројот на нови случаи, изјави министерот Филипче.

На новинарско прашање како ќе работат обложувалниците, Филипче образложи дека целосно се затвораат за физичко присуство, односно ќе работат само шалтерски, како што работеа и минатата година.