Министерот за здравство Венко Филипче во ист ден дава две изјави за македонскиот здравствен систем кои, според пригодата, едната е оптимистичка, а другата песимистичка. Првата е „можеме“, а во втората алармира „не смееме да не можеме“.
– Можеме апсолутно сите пациенти во целокупниот период кој е пред нас да ги изменаџираме со третман во јавно здравстените установи. Имаме конкретен план не само за скопските инфективни одделенија, туку и за сите болнички инфективни одделенија во државата, истакна вчера Филипче.
Оваа изјава ја даде на вчерашното отворање на првата македонска компанија за одгледување на марихуана за медицински цели.
-Приватните болници уште на почетокот на кризата можат да хоспитализираат заболени од Ковид-19 само доколку за време на лекувањето на пациенти кои редовно ги лекуваат им се констатира присуство на коронавирусот и тоа во одделенија за интензивна нега. Тоа беше тогаш дозволено за да може да се менаџира, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на компанијата за канабис за медицински цели „НЈСК Холдинг“.
Но, вчера, откако доцна попладнето беше соопштен рекордниот број на новозаразени од Ковид-19 во Македонија, Филипче упати алармантна изјава до јавноста:
– Бројката на заболени и хоспитализирани поради Ковид-19 расте. Не смееме да дозволиме нашиот здравствен систем да не е во состојба да му овозможи нега секому кому е тоа потребно затоа што капацитетите се искористени, порача вчеравечер Филипче во објава на Фејсбук.
Почитувањето на мерките, носењето маска и држењето дистанца остануваат најдобри начини сите да помогнеме тоа да не се случи, истакнува Филипче, по објавата на најновата статистика според која во последните 24 часа се направени 2.441 тестирања, а регистрирани се 445 нови случаи на Ковид-19 и 9 починати во Македонија.