Актуелниот пратеник и поранешен министер за здравство, Венко Филипче денеска ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ.

Во партиската изборна трка, истакна дека влегува сам, а тимот ќе го создава по изборот за претседател доколку ја добие довербата.

Филипче посочи дека членството, резултатите ќе ги види многу рано истакнувајќи дека доколку биде избран, ќе биде достапен во секој еден момент.

-Овие изборни резултати партијата на некој начин ја клекнаа на колена. Некој го поставува прашањето дали СДСМ ќе опстои, а јас цврсто верувам дека не само што СДСМ ќе опстои, туку повторно ќе биде победничка партија, нагласи Филипче.

Очекува голема поддршка од членството, а посочи дека во програмата која ја поднесува заедно со кандидатурата напишани се основните постулати по кои ќе работи, посветено, професионално и со целата своја енергија и знаење.

-Програмата се темели на информации, сугестии, барања кои ги слушнав од огромниот број на наши членови со кои имав чести средби два-три изминатите месеци. Тие јасно укажаа што е тоа што сакаат да се промени во партијата и токму тоа е ставено во таа програма. Партијата ќе работи целосно посветено и многу попрофесионално, рече тој.

По најавите, свои кандидатури денеска се очекува да поднесат и поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска и актуелниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски.