Ние сме спремни за избори. Утре да се случат – за утре сме спремни за избори – и со тимот и со програмата, со Мастер планот за Македонија и договорот со граѓаните којшто ќе го презентирам во текот на септември, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
– Шест точки – јасно, добро дефинирани, да знаат граѓаните за што ќе гласаат кога и да се случат следните избори. Сите најважни аспекти во однос на иднината на државата, во однос на зајакнувањето на системот, во однос на благосостојбата на граѓаните во оваа социјална држава, којашто сега е ставена по страна – ќе бидат јасно, гласно напишани и објаснети. А за избори сме спремни кога и да бидат, но нема да бидеме алиби. Христијан Мицкоски има две третини во Собранието, апсолутна власт. Може да распише избори кога сака – одговори Филипче на новинарско прашање.
Според него, „човекот ќе распише избори кога повеќе нема да има пари, а пари снемуваат сè повеќе и повеќе“, алудирајќи на премиерот.
– Избори ќе има и ќе се соочиме на изборите кога и да бидат – дали ќе бидат догодина или ќе бидат за две години. Изборите ќе се случат и тогаш граѓаните ќе треба да одлучат помеѓу оваа ненародна, корумпирана и криминална власт и нашите добри политики. Против оваа власт којашто е заинтересирана само за себе, сака да купува авиони, да троши народни пари – и ние коишто предлагаме зголемување на платите, зголемување на субвенциите во земјоделството. Сè што оваа власт одбива изминатите 2,5 години, од почетокот, од кога владеат – додаде Филипче.
Тој рече дека граѓаните ќе бираат помеѓу оваа власт што е антиевропска и оние коишто ја сакаат интегрирана во Европа.
– Помеѓу оваа власт којашто е антиевропска, којашто нè држи изолирани под влијание на српскиот свет – не го кажуваме ние тоа, Европа го кажува тоа дека овде влијание има српскиот свет – и ние коишто сакаме слободна, развиена Македонија, интегрирана во Европа, таму каде што генерации и генерации порано се бореле да бидеме. Ќе го завршиме тој пат и ќе има правда и европско обвинителство – сите инструменти на Европа со коишто оваа власт ќе одговара – додаде Филипче.
Тој повтори дека нема да бидат алиби за предвремени избори на премиерот Мицкоски и посочи дека власта нема ниту еден резултат, ни во економијата, во образованието, во земјоделството ни во социјалата, дека долговите кон компаниите биле близу 200 милиони евра за поврат на ДДВ, поради што, вели, многу компании веќе и ги затвораат, поради, вели, ризик во однос на ликвидноста, како и оти имало пад на странските инвестиции и на индустриското производство.
Според претседателот на СДСМ, власта се подготвува за избори без оглед дали предвремени или редовни и, вели, ја зајакнува пропагандната машинерија преку купување медиуми, телевизии.
-Освен медиумите коишто оваа власт веќе ги има – 40% од вкупниот број на медиуми кај нас се под контрола на луѓето блиски на Орбан, сега се спрема да влезе и тешката српска артилерија, пропагандна, на чело со „Ало медија“. Купуваат медиуми, телевизии, „Еуроњуз“ е веќе тука – рече тој, меѓу другото.
Филипче порача дека обединувањето на опозицијата може да биде само околу јасни проевропски политики и Фронтот за вистина и правда кој СДСМ веќе го објави, а Левица, вели, прво треба да се откаже од своите проруски политики и од Христијан Мицкоски и јасно да се определи за НАТО.
Тој се осврна и на ПЕТ-центарот, кој вели само еден ден работел и сега повторно е надвор од функција, при тоа апелираше итно да се среди овој проблем.




