Во следните две до три недели сите да бидеме крајно внимателни, апелираше денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека има некакви позитивни приближувања, ќе се види дали е тоа почеток на крајот на епидемијата и затоа не смееме да ризикуваме уште еден силен бран.

Посочи дека следи вообичаено убав период на новогодишни празници. – Имаме многу тешка година зад нас и искрено верувам дека следната ќе биде многу подобра. Во вакви услови кога епидемијата сериозно спласнува и се стабилизира да не направиме ништо таа да се влоши. Апелирам да се празнува одговорно во кругот на семејството без групирање со почитување на јасно пропишаните протоколи и мерки. Се покажа дека досегашните протоколи и мерки беа добро осмислени и домензионирани и го дадоа резултатот како што се очекуваше. Тие се димензионирани така да не се спречи слободното движење и работа, имајќи предвид колку е сето тоа тешко за сите нас, рече Филипче.

Согласно извештајот на Институтот за јавно здравје, истакна министерот, и оваа недела продолжува падот на бројките за Ковид-19.

– Имаме намалување за 16,9 отсто на новозаболени во последните седум дена. Процентот на позитивни од тестирани бележи пад од пет проценти колку што бележи падот и на процентот на починати лица. Се намалува бројот на хоспитализирани во болниците и клиниките во Скопје и ширум државата. Во првата недела од декември имало 890 хоспитализирани, а денеска 629. Има слободен број кревети во Битола, Охрид, Прилеп, Куманово…, рече Филипче.

Нагласи дека има се повеќе термини за тестирања што значи се намалува притисокот.

– Во втората и третата недела од декември намален е бројот на тестирања во државните и во приватните лаборатории. Ако во изминатиот период просекот на исполнување на термините беше истиот ден кога тие ќе се објавеа преку системот „МојТермин“ сега и во текот на истиот ден има слободни термини. Во анализата за втората и третата недела од декември се забележува дека државните лаборатории спроведуваат за приближно 100 проценти повеќе тестови од приватните, а се забележува и зголемување на бројот на тестови секоја недела во државните лаборатории, додаде Филипче.