Трета доза од вакцините против коронавирусот се препорачува за сите граѓани над 60 годишна возраст, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
– Националниот комитет за имунизација препорачува трета доза на вакцина против Ковид-19, за сите граѓани над 60 години, за сите здравствени работници без разлика на возраста и за сите граѓани кои имаат имунокомпромитирачки проблеми без разлика на возраста. Третата доза ќе се дава од производителот Фајзер, без разлика со која вакцина претходно граѓаните се вакцинирале. Третата доза треба да се прими најмалку после 6 месеци од втората доза. Граѓаните ќе добијат порака преку Мој термин дека може да се јават за вакцина, а ова би стартувало од понеделник, најави Филипче на денешната прес-конференција.
Во Македонија досега вкупно се дадени 1.482.287 дози вакцини, а ревакцинирани се 703.878 граѓани. Вчера пристигнаа 110.612 вакцини од Фајзер-Бионтек, а до крајот годината е најавена испорака на уште 100.000 вакцини од овој производител.
Филипче денес кажа дека се очекува Данска да ја објави донацијата од 250.000 вакцини Џонсон, која е единствена вакцина што се дава во една доза.