Министерот за здравство Венко Филипче во видео порака по повод една година од првиот регистриран Ковид случај во Македонија вели дека здравствениот ситем покажал дека има знаење и искуство да се носи со најголемиот здравствен предизвик во поновата историја. Тој им се заблагодари на здравствените работници за кои вели дека заслужуваат цела почит и благодарност.
– Во изминатата година докажавме и покажавме дека здравствениот систем има сили, знаење и искуство да се справи со најголемиот здравствен предизвик во поновата историја на светот. Здравствените работници кои беа на првата линија на борбата против вирусот покажаа истрајност, професионалност и патриотизам на највисоко ниво и токму поради тоа, ја заслужуваат целата почит и благодарност, вели Филипче.
Порача дека набавката на вакцини е најголем предизвик за сите земји во светот а околу 130 земји се уште го немаат почнато процесот на имунизација. Посочува дека се даваат максимални напори да се обезбедат вакцини и убеден е дека многу брзо ќе започне масовната вакцинација.
– Како Влада даваме максимални напори да обезбедиме вакцини што поскоро и доволно за сите граѓани, за што барам трпение и разбирање од сите. Набавката на вакцини во моментов е главен предизвик за сите држави во светот, а 130 земји сеуште немаат почнато со вакцинација. Ние успеавме да ја започнеме вакцинацијата на здравствените работници, а многу брзо ќе ја почнеме и вакцинацијата на сите граѓани, истакнува министерот Филипче.
Резултатите од „максималните напори на Владата во обезбедувањето на вакцини“ досега се нула. Македонија нема ниту една доза од ветените кои требаше да стигнат уште од лани, па во јануари, па февруари, а еве веќе стигна и март без ниту една вакцина, освен подарените од Србија, кои не се доволни ни за вакцинација на здравствениот персонал.