Хронично болните имаат рок до 23 септември да посетат специјалист и да добијат потврда со која поради нивната дијагноза и состојба нема да можат да се вратат на работа.
За да можат да го реализираат тоа, ќе бидат пуштени дополнителни термини на Мој Термин и е-Амбуланта. Доколку до 23 септември овие пациенти не стигнат да ги обезбедат потврдите, ќе се остави простор за пролонгирање.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера на средбата со претставниците на здруженијата на пациенти нагласи дека нема простор за паника бидејќи мерката е димензионирана за да ги заштити ризичните пациенти.
Во Македонија вчера беа регистрирани 121 нови случаи на Ковид-19, и тоа во Скопје-33, Охрид-11, Крива Паланка-девет, Куманово-осум, Штип, Тетово, Струга и Битола по шест, Кочани-пет, Кавадарци и Гостивар- по четири, Велес, Гевгелија, Струмица и Делчево по три, Свети Николе и Прилеп по два, Радовиш, Крушево, Македонски Брод, Берово, Валандово, Виница и Кичево по еден случај.
Оздравеа 142 пациенти од Скопје-50, Куманово-32, Гостивар-12, Прилеп-11, Штип-седум, Тетово и Струга по четири, Велес, Охрид, Кавадарци, Струмица, Берово, Виница, Делчево и Кичево по двајца, Гевгелија, Радовиш, Кочани, Македонски Брод, Кратово и Свети Николе по еден пациент.
Три лица починаа, двајца пациенти од Прилеп на 63 и 83 години и еден пациент од Струга на 60 годишна возраст. Сите се починати во болнички услови.
На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 84 пациенти. На кислородна поддршка е 41 пациент, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се едно дете и две мајки позитивни на Ковид-19, две деца и две мајки суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 31 пациент. На респираторна машина се четири пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 11, а во болницата во Штип се хоспитализирани 44 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 129, позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 15 414, бројката на оздравени пациенти е 12 896, на починати е 637, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1881.
Најмногу активни случаи има во Скопје – 571, потоа во Куманово – 206, Прилеп – 129, Тетово – 107 случаи. Скопската општина Аеродром е со највеќе активни случаи, и тоа 94, следат Гази Баба со 71, Карпош – 68, Центар – 61, Кисела Вода -54, Чаир – 51.
Досега во земјата се направени вкупно 161.590 тестирања на Ковид-19.