Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Прес 24, ја критикува актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ за враќање на неказнивоста на функционерите, споредувајќи ја ситуацијата со онаа пред 2016 година.

Филипче изразува загриженост дека сегашната влада се движи кон повторување на старите грешки, со фокус на лични интереси, наместо на отчетност и транспарентност пред граѓаните.

„Ниту им е до одговорност, ниту до отчетност, ниту до транспарентност. Јасно е дека слоганот ‘Македонија повторно твоја’ значел ‘Македонија повторно само наша’, односно на една мала група во власта која ќе одлучува што следува за обичниот народ,“ вели Филипче во интервјуто, нагласувајќи дека актуелната власт е посветена само на своите лични и партиски интереси.

Претседателот Филипче ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ и за лицемерие, наведувајќи дека неказнивоста што ја практикуваат по низата скандали е во директна спротивност со принципите на праведност и еднаквост.

„Тие скандали, тоа отсуство на политичка волја за одговорност, само ја потврдува големата хипокризија на ВМРО-ДПМНЕ. За нив важи она орвеловското: ‘сите се еднакви, но некои се поеднакви од другите’,“ додаде Филипче, цитирајќи го познатиот принцип од „Животинска фарма“ на Џорџ Орвел.

Тој предупредува дека неказнивоста од пред 2016 година се врати „на голема врата,“ но овој пат, е надградена и проширена.

„По ваков почеток, јас сум убеден дека ова однесување само ќе се повторува и ништо нема да се менува,“ вели Филипче во интервјуто за Прес 24, изразувајќи сомнеж во можноста за промена на тековните практики на власта.

Филипче исто така истакна дека граѓаните веќе почнуваат да ја препознаваат старо-новата пракса на ВМРО-ДПМНЕ, која, како што вели, ги натера стотици илјади луѓе да излезат на улиците во минатото.

„Верувам дека граѓаните веќе го препознаваат истото старо ВМРО-ДПМНЕ заради кое стотици илјади излегуваа на улиците. Ако продолжат вака, брзо ќе се соочат со гневот, не само на излажените гласачи, туку на целиот народ. Владата ќе се соочи со сериозни последици ако не ги промени своите политики и однесување“ наведува претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за Прес 24.

Линк до целото интревју: https://press24.mk/venko-filipche-mickoski-i-mucinski-da-kazhat-koi-drzhavi-od-eu-poddrzhuvaat-odlozheno-dejstvo-za

СДСМ
Центар за комуникации со јавноста