Го подготвивме системот за нешто за што никогаш не бил подготвен, ниту било кој систем во светот бил подготвен да пречека ваква криза, истакна вечерва министерот за здравство Венко Филипче во интерју за Сител телевизија.

Тој одговарајќи на прашањето околу тоа дали е подготвен за интерпелацијата, што ја најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, односно дали има со што да ја одбрани неговата работа, рече дека апсолутно има.

– Апсолутно. Резултатите за брзата реорганизација на здравствениот систем, одговорот којшто го дадоа здравствените работници  Го подготвивме системот за нешто за што никогаш не бил подготвен, ниту било кој систем во светот бил подготвен да пречека ваква криза. Очигледно дека лидерот на опозицијата, верувам дека има долга листа, не знам дали него некој му подготвува листа за интерпелација, но ќе видиме, рече Филипче.

Тој потенцираше дека изминатиот период интензивно се работеле на координација и подготовка на здравствениот систем за вакцинацијата против Ковид-19.

– На средбите, економските оператори, кои и сега складираат и дистрибуираат други вакцини од имунолошкиот календар на Министерството за здравство покажа волја и подготвеност да бидат дел од системот на прием, чување и дистрибуција на вакцините против Ковид-19 до нашите здравствени домови, рече Филипче.

Тој истакна дека во месец јануари 2021 година ќе пристигнат фрижидерите на минус 70 степени за вакцината од компанијата „Фајзер“.

Филипче информираше дека преку три механизми државата бара по 800 илјади дози вакцини, а целта е да се вакцинира 60 до 70 отсто од населението, повторно нагласувајќи дека први за вакцинација ќе бидат здравствените работници, посебно оние кои работат со ковид пациентите, понатаму повозрасните граѓани над 65 години, пациентите со хронични болести, пред се оние со хронични болести на белите дробови и срцето.

Министерот потенцираше дека вакцината ќе биде бесплатна за граѓаните и на доброволна основа, но со цел да се подигне свеста за потребата од вакцинација, се подготвува кампања и ќе бидат преземени сите мерки, вклучително и повикување на одговорност за оние кои ќе шират лажни вести во врска со неефикасноста на вакцината или нејзината поврзаност со некои болести.

– Видовме и бевме сведоци на силна антиваксерската кампања минатата година за време на епидемијата со морбили. И тогаш имавме сериозен проблем. Но сега, повеќе од било кога е јасно какви се ефектите и последиците од болест за која немаме вакцина, посочи Филипче.