Со доделување на наградата „Астер“ за исклучителни достигнувања на филмот и ТВ на актерот Данчо Чеврески синоќа во Струмица е отворено четиринаесеттото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“.
Признанието на Чевревски му го додели градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, кој истакна дека „Астерфест“ уште еднаш ќе ја потврдува својата висока репутација во домашни и меѓународни рамки, градена во изминатава безмалку деценија и половина.
-Во овој временски период, од 2005 година кога се случи идејниот зародиш на „Астерфест“ па до денес, овој интернационален филмски фестивал стана еден од најзначајните делови од струмичкиот и македонскиот културен мозаик. Токму затоа, Општина Струмица беше и остана верен пријател и поддржувач на „Астерфест“, надевајќи се дека така ќе биде и во годините пред нас, рече градоначалникот Јаневски на отворањето на фестивалот.
Годинашниот лауерат, актерот Данчо Чевревски заблагодарувајќи се на признанието рече дека најпрвин му честита на основачот и организаторот на „Астерфест“, Горан Тренчовски за напорот кој го вложува во траењето на фестивалот.
-Денеска ми се јавија стотина луѓе да ми честитаат за наградата. Јас мислев дека никој не знае. Ти благодарам Горан, рече лауретатот, Данчо Чевревски.
На фестивалското филмско платно вечерва премиерно беше прикажан американскиот краток игран филм „Кожа“, годинашен добитник на Оскар за најдобар краток игран филм, на режисерот со израелско потекло Гај Натив, по сценарио на Шерон Мајмон, а во продукција на Џејми Реј Њуман.
Во продолжение беа прикажани уште 12 интересни кратки филмови: „Тек“ на Марија Грација Гоја и Робин Петре, „Еден мал чекор“ на Боби Понтилас и Ендру Чесворт, „Маркет плејс“ на Аник Кристијаенс (за којшто музиката ја компонираше Марјан Неќак), „И што вели летото“ на Пајал Кападија, „Човек-миленик“ на Марзиех Абрарпајдар, „Стар закуп“ на Висенте Барела, „Ја потпишав петицијата“ на Махди Флеифел, „Двоен живот“ на Јоб, Јорис и Мариеке, „Врне“ на Чиро Д’Емилио, „Лимерентност“ на Оливер Пич, „Различни“ на Христина Белоусова и Данте Рустав и „Исповедта“ на Естебан Фонт Ројо.
Фестивалската програма продолжува утре во предворјето на Манастирот „Воведение на Пресвета Богородица“ во Велјуса со Тивериополската беседа и портретот на овогодишниот лауреат, Данчо Чевревски.
На втората фестивалска вечер во Амфитеатарот со присуство на повеќе автори ќе има проекција на уште еден ексклузивен блок од 11 кратки филмови.
Во официјалната конкуренција на „Астерфест“ се кратки играни, документарни и анимирани филмови селектирани под мотото „Кратки резови“, за кои ќе одлучува меѓународното жири составено од ирскиот камерман Ед Годсел, словенечкиот режисер Андреј Кошак, бугарската дистрибутерка Гинка Андреева и македонскиот актер Данчо Чеврески.
Фестивалот трае до 29 јули и е поддржан од Општина Струмица и Агенцијата за филм.