Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, утрово на Фејсбук објави дека во неговиот дом упаднала Финасова полиција, а од Управата за финансиска полиција тврдат дека тоа не е точно.
-Точно е дека утринава имавме претрес во дом во Скопје, но не сме зналеле дека тоа е домот на таткото на пратеникот Јаулевски. Претресот е извршен со наредба од суд, а во соработка со Обвинителството, неофицијално коментираат од Управата за „Фокус“.
Од Управата за финансиска полиција велат дека нaскоро ќе излезат со официјално соопштение за случајот.
Управа за финансиска полиција: Претресот е извршен кај вработен во ЕВН
Управата за финансиска полиција соопшти дека дека претресот не е извршен во домот на пратеникот Јован Јаулески, ниту, пак, кај некој друг претставник на политичка партија, туку се однесува на вработени ЕВН Електрани Mакедонија ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје и бара Управата да не се злоупотребува за политички цели.
– Целосно ги демантираме и отфрламе изјавите на пратеникот Јован Јаулески дека претресот е извршен кај него дома, ниту пак кај некој друг претставник на политичка партија. Предистражната постапка се однесува на вработени лица во ЕВН Електрани Mакедонија ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје, истакнуваат од Управата во пишано соопштение до медиумите.
Нагласуваат дека Управата за финансиска полиција, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје врши проверки во рамки на предистражна постапка, а по претходно добиени сознанија за извршени сомнителните трансакции на парични средства помеѓу ЕВН Електрани Македонија ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица.
-Во рамките на предистражната постапка, а по претходно обезбедени наредби од надлежните судови, во текот на денешниот ден беше извршен претрес кај повеќе физички лица на територија на Град Скопје и Делчево, меѓу кои вработени лица во ЕВН Електрани ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје, а со цел пронаоѓање на докази во насока на ефикасно водење на предистражната постапка и докажување на основите на сомнение за сторени кривични дела, соопшти Управата за финансиска полиција.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Јован Јаулески објави дека рано утрово во домот на неговите родители влегле припадници на финансиската полиција и извршиле претрес. Тој за настанот информира на неговиот фејсбук профил каде напиша „од 5:30 до овој момент во мојот дом упадна и врши претрес Финансова полиција!“.