Доколку имате четвртоодделенче дома, пожелно е да размислите и да одвоите средства од домашниот буџет да му купите таблет. Електронскиот уред ќе му биде потребен за да учи од дигиталниот учебник – новината за оваа учебна година.
Сепак, не е задолжително да набавите таблет до 1-ви септември, велат од МОН. Училниците ќе бидат опремени со смарт табли и додатни мултимедијални уреди, кои ќе овозможат настава и за оние кои нема да имаат таблет, а тука се и печатените материјали да помогнат во оваа намера.
Вака министерката Царовска одговори на дилемата – дали родителите мора да купуваат таблет на четвртоодделенците или не.
Бесплатен таблет државата обезбедува само за децата кои потекнуваат од социјално загрозени семејства. Засега за оваа намена обезбедени се 10 илјади уреди. Родителите да не чувствуваат обврска да набават таблет, велат и од основните училишта.
Во основните училишта во тек се обуките за наставниците кои ќе го спроведат новиот образовен концепт. Активно се дистрибуираат учебниците за прво, а до четврток училиштата ќе ги добијат и учебниците за четврто одделение, вели Царовска, дополнувајќи дека досега се испечатени 20 проценти од вкупниот број учебници.