Тренерот на Барселона, Ханси Флик, изјави денеска дека освојувањето на Лигата на шампиони е главна цел на неговиот тим оваа сезона, но истакна дека патот до титулата ќе биде долг.

„Мислам дека на крајот сите големи клубови сонуваат да ја освојат Лигата на шампиони. Имаме квалитет да ја освоиме, но мора да го докажеме тоа на теренот. Патот е долг“, истакна Флик во изјавата што денеска ја пренесуваат шпанските медиуми.

Барселона ја стартува новата сезона во Лигата на шампиони против Феенорд в среда на домашен терен од 18:45 часот.

Германскиот стратег нагласи дека неговите играчи имаат голема одговорност и оти конкуренцијата за место во тимот ќе биде силна.

„Имаме многу искусни играчи. Сите тие имаат одговорност да ги освојат сите можни трофеи. Има играчи кои не се среќни кога не играат, но секој ден мора да покажат дека заслужуваат место во тимот. Нивото што го покажуваат на тренинзите е добро“, рече Флик.