Републиканецот Рик Скот е победник во оспоруваната изборна трка во државата Флорида за место во американскиот Сенат, покажаа резултатите од рачното повторно пребројување на гласовите.
Изборните власти во Флорида соопштија дека според податоците од повторното пребројување на гласовите од изборите на 6 ноември, Скот победи со 10.033 гласа, пред демократот Бил Нелсон.
Резултатите покажаа дека Скот, кој моментално е гувернер на Флорида, освоил 50,05 проценти од 8,19 милиони гласови во државата, а Нелсон, кој во моментов е сенатор, освоил 49,93 проценти.
На изборите на 6 ноември републиканците го зголемија своето мнозинство во Сенатот, а демократите освоија контрола врз Претставничкиот дом на Конгресот на САД.