Американската сојузна држава Флорида регистрираше 120 починати од Ковид-19 во последните 24 часа, рекореден дневен смртен биланс од почетокот на пандемијата.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, на Флорида денеска е забележан и друг рекорд, во текот на денот речиси 21 процент од тестираните биле позитивни. Здравствените експерти во САД велат дека бројот на позитивно тестирани треба да е околу пет проценти за да се прогласи дека вирусот е под контрола.

Државата стана ново жариште со над 9.000 нови случаи секој ден во изминатиот период, и со вкупно 232.718 случаи досега. Во јули, регистрирани се 277 хоспитализации дневно, и болничките капацитети постепено се пополнуваат.

Во саботата ,за време на празникот Ден на независноста, за еден ден беа регистрирани рекорден број од 11.458 инфекции.

Најзагрозен е округот Дејд со речиси 54.000 случаи и над илјада смртни случаи.

Во повеќе градови во државата властите повторно ги затвораат плажите, парковите и рестораните по отварањето на бизнисите во мај.

Во државата од коронавирус досега починале 4.009 лица.