Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за неговите напори да се овозможи враќање на децата киднапирани од Украина и одведени во Русија.
Во изјава објавена на платформата Икс, Фон дер Лајен му се заблагодари на Трамп за „јасната заложба денеска дека овие деца ќе бидат повторно обединети со своите најблиски“.
„Човечката цена на оваа војна мора да заврши. А тоа значи секое украинско дете киднапирано од Русија да биде вратено кај своето семејство“, порача таа по средбата во Белата куќа со Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и неколку европски лидери.
Претходно, Трамп на својата платформа Трут Соушл напиша дека разговарал за „огромниот светски проблем со исчезнати деца“. Според него, тоа е клучно прашање и за него и за првата дама Меланија Трамп, нагласувајќи дека е „на врвот на сите листи“ и дека „светот ќе работи заедно за да се реши, со надеж децата да бидат вратени дома кај своите семејства“.
На почетокот на разговорите во Белата куќа, Зеленски на Трамп му предаде писмо од сопругата Олена до првата дама на САД – Меланија Трамп, во кое таа и се заблагодарува што му се обратила на рускиот претседател Владимир Путин за прашањето со киднапираните украински деца.
Според украински податоци, повеќе од 19.000 деца и млади биле киднапирани од територии под руска окупација.
За време на директните преговори со Русија во Истанбул во јули, Киев достави листа со барање за враќање на 339 малолетници.
фото: Архива