Екстремистите од лево и од десно добија поголема поддршка на европските изборите, но партиите на центарот го задржаа мнозинството Европскиот парламент и мнозинството Европејци покажаа дека сакаат силна Европа, порача ноќва претседателката на Европската комисија и „шпиценкандидатка“ на Европската народна партија (ЕПП), Урсула фон дер Лајен.
– Денеска е добар ден за Европската народна партија. Победивме на европските избори, истакна Фон дер Лајен пред новинарите во Европскиот парламент, заблагодарувајќи им на европските гласачи за укажаната доверба.
Според неа, иако дел од гласачите им изразија доверба на десните и на левите екстремисти, партиите во центарот сепак го задржаа мнозинството, но таквиот резултат доаѓа со поголема одговорност.
Како и претходно синоќа во обраќањето пред симпатизерите на ЕПП во Брисел и пред новинарите во Европарламентот, Фон дер Лајен нагласи дека Европската народна партија е „сидрото на стабилноста“ на ЕУ.
Потенцирајќи дека сите имаат интерес за стабилност, Фон дер Лајен најави дека „од утре“ ЕПП ќе започне разговори со Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) за продолжување на изградбата на „конструктивниот и докажан однос“
– Мој цел е да продолжиме по истиот пат со оние кои се ориентирани проевропски, проукраински и про-владеење на правото, додаде Фон дер Лајен.
Според неа, во услови кога светот околу нас е во немир, има „некои“ кои се обидуваат да ја ослабат Европа, но дека проевропските сили никогаш нема да дозволат тоа да се случи.
– Овие изборни резултати покажуваат дека мнозинството Европејци сакаат силна Европа, рече Фон дер Лајен.