Светот се промени на многу начини и конфликтите и нивните ужаси се множат околу нашите граници, предизвикувајќи болка на невините цивили и сето ова се случува во време на огромни трансформации, климатски промени и подем на нови технологии, кои би можеле да влијаат врз економиите, општествата и безбедност, порача претседателката на Европската комисија во денешното обраќање на Конференцијата на амбасадорите на ЕУ во Брисел.

– Овие времиња на конфликти и промени бараат Европа да биде уште поангажирана на глобалната сцена. Големината и обемот на денешните настани бараат да дејствуваме и да размислуваме стратешки. Дури и особено кога маглата на војната е густа, а емоциите се високи. Ова време бара нашата Унија целосно да го искористи својот надворешнополитички потенцијал, почнувајќи од традиционалната дипломатија до трговијата, помошта и инвестициите. Ова се принципите кои не водеа досега – ангажман, стратегиско размислување и единство во дејствување, рече Фон дер Лајен.

Таа потсети дека изминатиов викенд беше во посета на Киев, од каде ја слушнала пораката дека народот на Украина копнее за влез во ЕУ и верува во Европа повеќе од кога било досега.

– Тоа е затоа што цел континент се мобилизираше за поддршка на Украина. Но и поради неверојатната работа на персоналот на ЕУ во земјата, истакна Фон дер Лајен.

Претседателката на ЕК потенцира дека целта на Русија уривање на владата во Киев, но не само што не успеа во тоа тука придонесе за зајакнување на поддршката за Украина и за нејзината амбиција и решителност за членство во Европската Унија.

– Русија сакаше да го избрише националниот идентитет на Украина. Наместо тоа, војната го направи идентитетот на Украина посилен од кога било. Русија сакаше да го ослабне НАТО. Наместо тоа, НАТО се зајакна со два нови сојузници, а трошоците за одбрана растат низ Европа. Руската армија изгуби половина од својата конвенционална опрема и жртвуваше над 100.000 свои млади луѓе… Едно е јасно: поради решителноста на Украина и поради нашата непоколеблива поддршка, оваа војна ќе остане стратешки неуспех за Кремљ, истакна Фон дер Лајен, додавајќи дека поддршката за Украина мора да продолжи колку што е потребно.

Според неа, ЕУ мора да се залага за постигнување праведен и траен мир во Украина, а не уште еден замрзнат конфликт, на земјата да и се осигура долгорочна безбедност и да и се овозможи стабилност и просперитет на среден и долг рок, што најдобро би се постигнало со нејзино членство во Унијата.

Фон дер Лајен се осврна и на случувањата на Блискиот Исток, посочувајќи дека нема оправдување за хоророт што Хамас го изврши врз невини мажи, жени, деца и бебиња на 7 октомври.

– Во пресрет на најлошото масовно убиство на Евреите по Холокаустот, наша морална должност е да ја покажеме нашата целосна солидарност со народот на Израел. Израел има право да се брани, во согласност со меѓународното право и меѓународното хуманитарно право. Ова е и продолжува да биде основната почетна точка. И тоа е она што ни дава кредибилитет да разговараме за одговорот на Израел на теророт на Хамас, но и да излеземе со идеи за многу потребно политичко решение, додаде Фон дер Лајен.

Таа потенцира дека од суштинско значење не е само поддршката за Израел, туку и помошта за цивилите во Газа кои се соочуваат со страшна хуманитарна состојба.

– Бројот на загинати и страдањата на палестинските цивили е трагичен. И како креатори на политики се соочуваме со страшна дилема. Израел има право да се брани, додека Хамас крие борци и складира оружје во бегалските кампови и цивилната инфраструктура. Хамас очигледно користи невини Палестинци и заложници како жив штит. Тоа е ужасно. Тоа е чисто зло. Иако Израел има право да се бори против Хамас, исто така од суштинско значење е тој да се стреми да избегне цивилни жртви. Затоа што секој човечки живот е важен, било да е израелски или палестински, рече претседателката на ЕК.

Таа посочи дека активностите на ЕУ се насочени кон обезбедување хуманитарна поддршка за цивилното население во Газа, кон ослободување на лицата што Хамас ги држи како заложниците и кон избегнување сегашниот судир да прерасне во регионален конфликт.

– Милиони луѓе ширум светот чувствуваат дека Блискиот Исток е заглавен во спирала на бескрајни конфликти, каде што насилството води само до повеќе насилство. Но, тоа не мора да биде така, истакна Фон дер Лакен

Според неа, Газа не може да биде безбедно засолниште за терористите, што значи дека терористичката организација Хамас не може да ја контролира енклавата, тука таа треба да биде под управа на палестинските автономии власти. Таа додаде и дека не смее да има постојана блокада и принудно раселување на Палестинците од Газа, ниту пак долгорочно израелско безбедносно присуство во енклавата, која треба да е „суштински дел од секоја идна палестинска држава“.

– Европа е подготвена да работи со сите луѓе и земји во регионот за да го оствари тоа. Сето ова може да изгледа премногу амбициозно, бидејќи војната се уште беснее. Но, не смееме да штедиме напор да ја одржиме надежта жива. Да се најде трајно решение, засновано на моделот на две држави, кои живеат една до друга во мир и безбедност. Време е за меѓународни напори за мир на Блискиот Исток. И ние ќе ја одиграме нашата улога, порача Фон дер Лајен.

Таа се осврна и на односите на ЕУ со Кина, кои ги оцени како еден од најкомплексните и најважните во светот.

– Јасната цел на Кинеската комунистичка партија е системска промена на меѓународниот поредок, со Кина во нејзиниот центар. Тоа го видовме со позициите на Кина во мултилатералните тела, кои ја покажуваат нејзината решеност да промовира алтернативна визија за светскиот поредок.

Но, ова ривалство може да биде конструктивно, а не непријателско. И затоа ни требаат функционални канали на комуникација и дипломатија на високо ниво, рече Фон дер Лајен.

Според неа, Кина и ЕУ имаат заеднички интерес за стабилноста на Блискиот Исток и затоа треба да се искористи секое влијание што Пекинг го има врз Хамас и врз Иран за да се спречи понатамошна ескалација.

– Мора да имаме јасна слика за тоа како се менува глобалната положба на Кина. Гледаме силен притисок да се направи Кина помалку зависна од светот, а светот повеќе зависен од Кина. Геополитиката и геоекономијата не можат повеќе да се гледаат како одвоени, додаде претседателката на ЕК.

Таа се осврна и на програмата „Глобална порта“ како уникатен модел на ЕУ за соработка и инвестиции во трети земји со јасни и транспарентни придобивки.

– Тоа се инвестиции во просперитетот на нашите партнери, како и во економската безбедност на Европа. Имаме моќ да донесеме вистинска промена и конечно ги користиме нашите огромни економски средства на многу постратешки начин, порача Фон дер Лајен.

Според неа, без разлика дали се соочува со непријателска Русија, со зовриениот Блиски Исток или со фрагментираната глобална економија, суштината на одговорот на ЕУ мора да остане ист.

– Треба да дејствуваме заедно, усогласувајќи ги нашите интереси и нашите вредности. Бидејќи она што се случува со демократијата и слободата, мирот и безбедноста, во еден дел од светот директно влијае на животите на Европејците овде во нашата Унија. Најголемата сила на Европа лежи во различните средствата што можеме да ги мобилизираме – од помош до трговија, од санкции до инвестиции. А вие, почитувани амбасадори, играте централна и клучна улога. Нашите делегации се центри на нашето надворешно дејствување. Во свет каде големината и тежината се важни, ние мора да ја ставиме целата сила на нашата Унија во служба на мирот, безбедноста и просперитетот, порача Фон дер Лајен во обраќањето на Конференцијата на амбасадорите на ЕУ во Брисел. сп/

Фото: Скриншот