Наивно е да се бара од Украина да ги прекине воените дејствија за побрзо да заврши војната. „Велам „наивно“ за да не користам посилен збор. Ако ја прекинеме воената поддршка за Украина, нема да има мир, а Русија ќе победи. Тоа ќе биде екстремна закана за нашата безбедност. За да постигнеме мир, мораме уште повеќе воено да ја поддржуваме Украина, изјави денеска пред Европскиот парламент високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Војната, потенцира тој, ќе се реши во пролетните и летните месеци.
„Направивме многу за Украина – досега од ЕУ и земјите од Унијата за Украина беше обезбедена воена помош од 200 милијарди евра, но тоа не е доволно. Треба да ги зголемиме дипломатските напори. Ќе ги повикам ОН да преземат посредничка улога, досега сите не успеаја во обидот да разговараат со (рускиот претседател Владимир) Путин. Путин ја загуби енергетската битка и ќе ја загуби и моралната и дипломатската битка. Треба да направиме се што е можно за да го исполниме европското ветување кон Украина. Сакаме Украина да ја добие војната, нејзиното место е во европското семејство“, истакна Борел.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен соопшти дека комисијата ќе предложи следните санкции против Москва да влијаат на трговскиот промет од 11 милијарди евра. Според неа, санкции се предвидени и против оние кои се поврзани со Корпусот на гардата на Исламската револуција поради беспилотните летала што Техеран и ги обезбеди на Москва и се користат против Украинците.
„Од почетокот на војната, економската, хуманитарната и воената помош од ЕУ за Украина достигна 67 милијарди евра“, истакна Фон дер Лајен.