Предизвици поврзани со безбедноста на ЕУ не се само на линијата на фронтот во Украина, туку со нив се соочуваме и преку саботажите на подводната инфраструктура, упадите на руски воени авиони во европскиот воздушен простор, појавата на дронови над клучни објекти ширум Европа и преку многу други примери, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Ниту еден од овие настани не е случаен. Тие се намерни обиди за заплашување на европските граѓани и поткопување на нашата решителност за поддршка на Украина. Но, нема да успеат во тоа, порача Фон дер Лајен во видеообраќањето на пленарната седница на Конференцијата на комисиите за европски прашања на парламентите на земјите членки на Европската Унија (ЦОСАЦ) што се одржува во Копенхаген.
Според неа, Европа брзо и амбициозно реагира на ваквите закани, постигнувајќи значаен напредок во градењето вистинска одбранбена унија, инвестирањето во одбранбена индустрија и мобилизирањето на 800 милијарди евра за потребите на одбраната.
– Светот стана многу поконфликтен и на економскиот фронт. Некои од нашите конкуренти се подготвени да користат секакви средства за да стекнат предност. Европа има сè што е и потребно за да напредува, но треба да ги отстраниме главните пречки што стојат пред нашите компании и инвеститори, рече Фон дер Лајен.
За да се постигне тоа, според неа, ЕУ треба да работи на намалување на високите цени на енергијата, преку зајакнување на енергетска независност и поттикнување на развојот на инфраструктура за производство на енергија од обновливи извори.
Дополнително, како што нагласи Фон дер Лајен, ЕУ треба да инвестира и во зголемување на својата конкретност, зајакнување на пазарите на капитал, унапредување на Унијата за штедење и инвестиции и на поттикнување на иновациите.
– Тоа е она што нè обединува, бидејќи сите сакаме да живееме во безбедна, просперитетна и сигурна Европа и да им ја пренесеме таа реалност на нашите деца и внуци. Она што се прави во тој поглед е од витално значење за граѓаните, како за денес, така и за во иднина, заклучи Фон дер Лајен.
Фото: Архива




