Лидерите на европските институции денеска во Европскиот парламент во Стразбур ја осудија руската студена, безобразна и пресметана употреба на храната како оружје.
– Тоа е студена, бесчувствителна и пресметана опсада на некои од најранливите земји во светот. Храната стана дел од арсеналот на теророт на Кремљ, кажа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во дебатата во Европскиот парламент.
Фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, разговараа со членовите на Европскиот парламент во Стразбур за исходот од самитот на ЕУ кон крајот на мај за руската инвазија на Украина и нејзините глобални последици.
– Русија ја користи храната како оружје, претворајќи ги плодните полиња во боишта, рече Мишел.
Милиони тони жито и други земјоделски производи се блокирани во украинските силоси поради руската блокада на украинските пристаништа на Црното Море. Затоа, постојат стравувања дека делови од Африка и Блискиот Исток би можеле да останат гладни.
– Милиони луѓе ширум светот се плашат дека нема да можат да ги загреат домовите и да ги прехранат своите деца, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека само годинава околу 275 милиони луѓе ширум светот веројатно би можеле да бидат изложени на несигурност во исхраната.
Инфлацијата, исто така, е голем ризик за безбедноста на храната. Според проценките на Светска банка, секое зголемување од еден процент на цените на храната турка околу 10 милиони луѓе во екстремна сиромаштија.
Во моментов околу 20 милиони тони жито се блокирани во Украина, а Русија истовремено го обвинува Западот за проблеми со снабдувањето со храна, тврдејќи дека тоа се должи на воведувањето санкции против Москва.
Од овие причини Фон дер Лајен ја нагласи потребата од разоткривање на руската кампања за дезинформации.
– На сите нека им биде јасно: додека Русија активно го користи гладот како оружје, санкциите на ЕУ се внимателно дизајнирани за да се избегнат негативните ефекти, со јасно изземање за прехранбените производи. Нашите санкции не влијаат на цената на основните прехранбени производи, рече Фон дер Лајен во Стразбур.