Украина би можела да стане членка на Европската Унија пред 2030 година, доколку продолжи со реформите со истата динамика и квалитет, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на вчерашната прес-конференција.

Фон дер Лајен нагласи дека процесот на проширување на ЕУ се заснова на заслуги и дека пристапувањето мора да биде корисно и за земјата-кандидат и за Унијата. Таа додаде дека Унијата избегнува да дава точни датуми за членство, за да не создаде нереални очекувања кај другите кандидатки.

„Украина добро напредува и ако продолжи со реформите со оваа брзина и квалитет, можно е да стане членка пред 2030 година“, изјави Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека ЕК работи напорно заедно со Украина за отворање преговорите по кластерите во текот на првата половина на 2025 година, но и за обезбедување на пристап на украинските индустриски производи до Единствениот европски пазар. Фон дер Лајен најави и зајакнување на меѓусебната соработка во сферата на одбраната и одбранбената индустрија, зголемување на енергетска безбедност и поддршка на младите и образованието во Украина.

– Ова за што зборуваме е повеќе од човечки капитал. Ова е народот на Европа кој заедно ја обликува својата заедничка европска иднина, заклучи Фон дер Лајен во обраќањето на заедничката седница на Европската комисија и украинската Влада во Киев.