Последните случувања во светот ја одразуваат новата реалност дека промената во меѓународниот поредок не е само сеизмичка, туку е и трајна, што ја поставува Европа пред императив да го забрза својот стремеж кон независност, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќање пред членовите на Европскиот парламент во Стразбур.

– Самата брзина на промените далеку го надминува сето она што го имаме видено во изминатите децении. Сега живееме во свет дефиниран од сурова моќ, без разлика дали е економска или воена, технолошка или геополитичка. Иако на многумина од нас можеби тоа не им се допаѓа, мора да се справиме со светот каков што е сега, истакна Фон дер Лајен на дебатата во ЕП за заклучоците од декемврискиот Самит на ЕУ и за потребата посилна и посуверена Европа во услови на растечки геополитички тензии и континуирани закани по поредокот базиран на правила.

Од тие причини, според Фон дер Лајен, Европа мора да го забрзаат стремежот кон независност, како во однос на економијата и безбедноста, така и во однос на технологијата и демократијата.

– Мора да бидеме силни ако сакаме да го обликуваме светот околу нас. Во овој сè побеззаконит свет, на Европа и се потребни нејзини лостови на моќ – силна економија, просперитетен единствен пазар и индустриска база, силен капацитет за иновации и технологија, обединети општества и пред сè, вистински капацитет да се одбраниме. За тоа се работи кога говориме за европската независност. Не станува збор за никого друг и не е водена од неодамнешните настани. Станува збор за потреба и можност за изградба на посилна Унија, рече Фон дер Лајен.

Осврнувајќи се на најновите тензии околу Гренланд, претседателката на ЕК нагласи дека, тоа не е само територија во клучен регион на светската мапа, туку и земја богата со ретки суровини и стратешка база на новите глобални поморски патишта.

– Но, пред сè, Гренланд е дом на слободен и суверен народ. Тоа е нација со свој суверенитет и право на територијален интегритет. А за иднината на Гренланд можат да одлучат само на Гренланѓаните, истакна Фон дер Лајен.

Таа истакна дека ЕУ се согласува со „американските пријатели“ за потребата да се обезбеди безбедноста на арктичкиот регион, за што и работата заедно, особено во рамките на НАТО.

– Затоа заканата од дополнителни царини е едноставно погрешна. Ако сега како сојузници тонеме во опасна надолна спирала, тоа само ќе ги охрабри противниците кои заедно сме посветени да ги држиме подалеку од нашиот стратешки пејзаж. Утре лидерите ќе се состанат за да разговараат за нашиот одговор. Ние сме на крстопат. Европа претпочита дијалог и решенија, но ние сме целосно подготвени да дејствуваме, доколку е потребно, со единство, итност и решителност, порача Фон дер Лајен.

Таа најави зголемување на европските инвестиции во Гренланд, пред сè за поддршка на локалната економија и инфраструктура, како и соработка на ЕУ со САД и со партнерите, како Велика Британија, Канада, Норвешка и Исланд, за поширока безбедност на Арктикот.

– Верувам дека самата Европа треба да ја преиспита својата поширока безбедносна стратегија. Треба да разгледа што е потребно таа да се приспособи на денешните нови реалности. Светот се промени толку брзо и Европа сега мора да се промени со него, додаде претседателката на ЕК.

Во контекст на безбедноста, Фон дер Лајен ја нагласи потребата ЕУ да продолжи да се фокусира на Украина, бидејќи европската безбедност и независност, зависат од тоа што ќе се случи следно во оваа земја.

– Мировните преговори се во тек и ги признаваме напорите на САД во овој поглед. Но, додека овие напори се интензивираат, се интензивираат и руските напади. Затоа, Европа ќе продолжи да ја поддржува Украина на секој начин, … покажувајќи непоколеблива посветеност и солидарност сè додека не се постигне праведен и траен мир, рече Фон дер Лајен.

Таа се осврна и на трговските договори на ЕУ, нагласувајќи дека отвораат огромни можности за европските бизниси, ќе создадат работни места во Европа и ќе ја зајакнат отпорноста и безбедноста на снабдувањето.

– Овој момент на глобални промени е полн со опасности и Европа мора да биде подготвена да се промени уште побрзо за да стане понезависна за сопствената иднина. Ова нема да биде лесно, ќе бара тешки одлуки и ќе бара да ја врамиме целата наша работа во пошироката слика. Но, заедно, можеме да го постигнеме тоа, заклучи Фон дер Лајен во обраќањето пред европратениците. сп/јт/

Фото: Европски парламент