Фондот за иновации и технолошки развој, кој минатата година предизвика револт со распределбата на државни пари на фирми и лица блиски до власта, го објави вториот повик од Планот за економски раст на Владата (ПЕР), за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации.
Повикот е наменет за сите микро, мали и средни претпријатија и приватни здравствени установи (ПЗУ) со доминантна домашна сопственост кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес. Вториот јавен повик е отворен од денеска до15 мај 2019 година.
Со овој повик, Владата обезбедува до 70-отстотно кофинансирање за микро и мали, односно до 60-отстотно за средни компании во максимален износ од 20 милиони денари. Средствата ќе се исплаќаат на квартална основа, согласно динамиката на реализација на проектниот план, по претходна уплата на сопственото учество на компанијата и извршен мониторинг на реализација на активностите од страна на Фондот.
-Целта на Инструментот е да поттикне зголемување на активности за истражување и развој во приватниот сектор, да се охрабри меѓусебна соработката на компаниите, соработка со високообразовните и научноистражувачките установи, како и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации, велат од ФИТР.
Вкупен износ на средства на вториот јавен повик во рамките на ПЕР, додаваат, е пет милиони евра од кои два милиони обезбедува Светската банка. Со ова, Светската банка станува финансиски партнер на ФИТР и Владата во реализација на Планот за економски раст, во делот на комерцијализација на иновациите.
-Во периодот на аплицирање, домашните компании ќе имаат можност за користење на бесплатна советодавна поддршка од ФИТР. Првпат оваа поддршка ќе се нуди и децентрализирано, во Тетово, Струмица и Битола, во соработка со локални и регионални партнерски организации. Дополнително, со цел информирање за деталите од повикот, условите и можностите за аплицирање, Фондот ќе реализира и повеќе информативни сесии во соработка со стопанските комори и други организации, потенцираат од ФИТР.
Посочуваат дека евалуацијата на пристигнатите инвестициски предлози ќе се врши во две фази.
-Првата фаза на претселекција ќе ја вршат надворешни стручни лица, домашни експерти од 22 економски дејности. Во втора фаза, проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет странски експерти, кој ја носи конечната одлука за финансирање. Компаниите и нивните инвестициски предлози ќе се оценуваат по пет категории: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот, појаснуваат од ФИТР.
Сите информации поврзани со повикот, апликацискиот формулар како и правилниците и формуларите за оценување се објавени на линкот www.fitr.mk/inovacii.
Како што пишувавме, распределбата на пари од буџетот за иновации, есеноска наиде на голем револт во јавноста, откако почнаа да се откриваат фирми и поединци блиски до власта, кои добија пари од овој фонд.