Имаме понуда од инвеститори за трајно решение, за фабриката да продолжи да работи, на задоволство на вработените, вети премиерот Зоран Заев на денешната средба  со вработените и менаџментот на акционерското друштво во државна сопственост Еурокомпозит од Прилеп.

Состанокот меѓу делегацијата на Владата, во која беа и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, и претставниците на „Еурокомпозит“, информираат од владината прес-служба, се одржа во конструктивна атмосфера и со единствена цел да се разгледаат предлозите за трајно решение на деценискиот проблем кој резултираше со блокирана сметка и заостанати долгови.

На средбата, на која присуствуваше и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, беше истакната заедничката цел да продолжи производството, да се обезбеди ново производство, и да биде платен трудот на вработените.

-На вработените им беа презентирани понудите од потенцијални инвеститори, а посебно внимание беше посветено на една од нив која има најповолни елементи. Се работи за инвеститор кој работи во областа на наменската индустрија сосема соодветна на профилот на Еурокомпозит, со што се отвора можност за решение во рамки на законите, кое ќе овозможи фабриката да продолжи да работи на задоволство на вработените, соопштија од Владата.

На средбата меѓу владината делегација и претставниците на Еурокомпозит, заеднички е договорено да се разгледаат сите аспекти на решението и во следните 15 дена да се донесе заедничка одлука од интерес на вработените и за економскиот развој на регионот и на државата.

Како што е веќе познато, вработените и сега веќе поранешни вработени во Еурокомпозит во повеќе наврати штрајкуваа во Прилеп, но и пред Владата во Скопје, поради незадоволство од неостварени ветувања од власта за решение на нивните проблеми.