Фокусот на Администрацијата на Трамп на решавање економски прашања на Балканот и замижувањето кон политичките, придонесе за влошување на односите меѓу некои земји уште од времето на војните пред две децении, објави синоќа Форин полиси.
Во анализата насловена „Како Трамп го изгуби Балканот“, од Едвард Џозеф, професор по менаџмент на конфликти во универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон, се истакнува случајот со можната блокада на ЕУ интеграциите на Македонија од страна на Бугарија „поради идентитетски прашања“.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп се фокусира само на економски а покажува презир кон политичките прашања, стои во анализата.
-Последниот графички пример за тоа е несвесното охрабрување од страна на високи службеници на САД на еден НАТО сојузник, Бугарија, да се заканува со воена интервенција кон друг сојузник, С. Македонија.
Џозеф ја наведува средбата во Вашингтон на 6 октомври меѓу американскиот министер за одбрана, Марк Еспер и неговиот бугарски колега, Красимир Каракачанов „агресивен националист со долга листа од бомбастични изјави против соседната С. Македонија“.
Се додава дека иако минатиот месец Каракачанов уште еднаш ја повторил заканата на Софија за блокада на пролонгираниот почеток на преговорите за членство во ЕУ меѓу Скопје и Брисел, „бугарскиот министер беше напоен со виски и пофалби во Вашингтон, а американските политичари склучија десетгодишен договор „патна карта за соработка во одбраната“ и продажба на осум ловци Ф-16.
Џозеф наведува дека САД го сториле тоа без никаква пројава на загриженост во однос на диктатот на Бугарија. а „по дружељубието во Вашингтон следуваше посета на висок официјален службеник од Стејт департментот, Р. Кларк Купер, на Бугарија, кој „изрази недвосмислена благодарност на САД за посветеноста на Софија на алијансата“.
-Два дена подоцна, Каракачанов го шокираше регионот со отворена закана дека Бугарија ќе испрати војници во Северна Македонија, мешајќи го ултиматумот со тврдењето дека С. Македонија била закана за „територијалниот интегритет на Бугарија“, алудирајќи дека Бугарија има casus belli (повод за војна), набљудува Џозеф.
Тој наведува дека Администрацијата на Трамп не само што не испратила некаков сериозен сигнал пред овој изблик на агресија, но и дека САД немаат кажана ништо и после тоа.
-Товарот падна на министерката за одбрана на С. Макодонија, Радмила Шеќеринска, да испрати достоен прекор до Бугарија, дека „земјата е членка на НАТО, и ние сме членка на НАТО, и ова не е начин како членките на алијансата комуницираат или како треба да комуницираат“.
Џозеф смета дека молкот на САД е непростлив, а од друга страна многу Бугари не се сложуваат со заканите кои нивната власт ги испраќа кон Македонците заради идентитетски прашања и забележуваат дека тоа ќе ѝ наштети на самата Бугарија.
Тој наведува дека власта во Бугарија биле толку паметна што дури го блокирала и влезот на Македонија во Фронтекс, Европска агенција за граничен меаџмент, „и сега можностите на Скопје да ја запре илегалната имиграција и да се бори со прекуграничниот криминал се намалени“.
-Продажбата на Ф-16 ловци не е изговор за молчењето на Еспер или на неговите колеги од Стејт департментот, вели Џозеф.
Потсетува на хипокризијата на Каракачанов.
-Американските официјални лица требале да го потсетат на неговите изјави околу тензиите меѓу Грција и Турција дека „спорните прашања меѓу соседите треба да се решаваат преку преговори и дијалог, а не со употреба на закана и воена сила“.
Џозеф потсетува и на сличиот однос на Вашингтон кон косовското прашање, каде „хиперболите на Трамп дека заслужува Нобелова награда за мир што го решил вековниот спор, и фокусот само на економски прашања донесоа само штети“. –Најважната од кои е дека Алксенадар Вучиќ, уште еден тврдокорен националист, си го исполира имиџот дома без притисок да направи отстапки кон својот противник, се вели во анализата.