Денеска се навршуваат четири години од терористичката акција, што се случи во кумановско Диво насеље или Дива населба, во која загинаа осум македонски полицајци, а за која се уште нема судски епилог.

Пресудата која еднаш беше донесена беше укината, а случајот беше даден на СЈО, зашто во политичките превирања во изминатите години, како и за повеќе други настани беше најавувано дека СДСМ има „бомби“ кои ќе помогнат во расфетлувањето на тие случаи. Но…

– Има некои индиции, се работи предистрагата, но ќе биде многу тешко да се каже дали воопшто ќе биде преземен тој предмет, изјави вчера специјалната обвинителка Катица Јанева, прашана за кумановските настани, односно случајот Диво Насеље.

Таа информира дека СЈО има некакви индиции, но се уште нема најдено разговори во „бомбите“ кои ги доби од Зоран Заев и СДСМ, за да може да воспостави надлежност врз тој предмет.

Терористичкиот акти и вооружената престрелка во Куманово, како што е познато, се случи на 9 и 10 мај 2015 година во период кога тогашната опозиција, која сега е на власт, водеше политичка битка за соборување на владата на Никола Груевски. Настаните се случиле во период на сериозна политичка криза во Македонија и во период кога, од 5 мај, започнаа антивладини протести.

Полициската акција по лоцирањето на терористичката група започна рано утрината во сабота на 9 мај и траеше речиси непрекинато 28 часа, до 10 часот во неделата на 10 мај. Македонските специјални сили целосно ги неутрализираа припадниците на терористичката група, од која дел се предаде на македонските власти во текот на вечерта во саботата на 9 мај.

Како што тогаш информираа медиумите во првичните разговори со лицата, кои претходно се предале на полицијата, било посочено дека цели на групата биле напади на државни и цивилни цели, кои би започнале со спроведување од средината на мај.

Меѓу другите членови во терористичката група биле: Мухамед Красниќи т.н. Малишева, Мирсад Ндрецај т.н. командант Нато, Сами Укшини т.н. командант Соколи, Бег Ризај алијас командант Бегу и Деме Шеху, алијас Јунику, сите државјани на Косово. По утврдувањето на индетитетот на уапсените препознаени се Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Деме Шеху, а меѓу убиените Мирсад Ндрецај и Бег Ризај.

– Групата која беше стационирана во неколку објекти и претставуваше закана по безбедноста на граѓаните на Република Македонија е целосно неутрализирана и елиминирана, беше соопштено од МВР по завршувањето на акцијата.

Претходно, триесетина членови на терористичката група безусловно се предале на полицијата, кои главно биле македонски државјани и еден албански државјанин, меѓу кои биле и тројца од лидерите – Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Демe Шеху.

Во оваа акција загинаа осум припадници на македонските безбедносни сили, а 37 биле повредени во престрелките низ густо населен урбан дел на приградската населба во Куманово.

Во оваа акција против терористичката група загинаа осумтемина македонски припадници на специјалните единици: Жарко Кузмановски (1981), од с. Брвеница, Тетовско; Ненад Серафимовски (1987), од с. Зубовце, Гостиварско;     Сашо Самојловски (1982), од с. Брвеница, Тетовско; Бобан Ивановиќ (1968) од с. Стајковци, Скопско; Горан Илиевски (1974) од Гостивар; Исамедин Османи (1983), од с. Студеничани, Скопје; Љубиша Аранѓеловиќ (1966) од Скопје и    Горан Стојменовиќ (1970) од Миладиновци, Скопје.

По завршенаа акција, освен тие што се предале, пронајдени се 14 мртви тела во униформи.

За голема среќа во овој трагичен настан немаше цивилни жртви, иако престрелките беа во густо населен дел од кумановската населба.

Јавното обвинителство на Република Македонија покрена постапка за приведените во акцијата, откако МВР поднело кривична пријава за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност.

Од 37 обвинети за тероризам и терористичка група, 33-ца беа осудени, а за четири лица беше донесена ослободителна пресуда. За седуммина беше изречена казна од доживотен затвор.

Веднаш по овие крвави настани кумановската населба ја посети тогашниот опозициски лидер Зоран Заев, каде што се фотографираше со тамошните жители.

Владата на Косово додели парична помош за семејствата на осудените во случајот, кои според приштинската новинска агенција „Ботапрес.инфо“, средствата се доделуваат на семејствата на осудените за тие да ги покријат трошоците во судската постапка.