Љубителите на класичната автомобилска индустрија вчера имаа можност да уживаат во вистински спектакл. Во организација на Клубот за класични автомобили од Скопје, во рамки на ревијално-натпреварувачкиот рели настан, сопственици на култните БМВ и мерцедес возила ги одмерија силите на релацијата Скопје – Свети Николе – Македонска Каменица.

За учество на рели настанот, секој сопственик на возило плаќаше 1 500 денари.

Настанот започна утрината кај ресторанот „Кастело“ во Скопје, каде по техничкиот преглед и брифингот, конвојот од класици точно во 09:30 часот ја стартуваше првата етапа од 50 километри кон Свети Николе. По кратката пауза во „Mayberry Highway Hotel“, учесниците продолжија со втората, подолга етапа од 77 километри кон крајната дестинација – Македонска Каменица каде се пристигна нешто после 12 часот.

Таму се одржа финалето на настанот, каде возилата приредија атрактивно дефиле низ градот и беа изложени за публиката. Највозбудливиот дел за присутните беше „Ретрокана“, натпреварот во вешто возење, по што следуваше дружење и ручек за сите учесници, а потоа назад кон Скопје.