Последната акција на македонскиот револуционер и идеолог Гоце Делчев се случила на денешен ден, 19 март 1903 година во Егејска Македонија.
Четата на легендарниот македонски револуционер го разурнала тунелот кај реката Драматица или на грчки Ангиста во Серско. Тоа била последната негова акција против османлиската власт за ослободување на Македонија, пред неговата смрт.
Апостолот на македонското револуционерно движење загинал на 4 мај 1903 година во заседа што била поставена кај селото Баница. За неговата смрт постојат неколку верзии, но има една непобитна вистина: Целиот живот го посветил во борба за ослободување на Македонија. За својата Македонија го дал и својот живот.
Драматица или Ангиста (понекогаш Драманица) е река во источниот дел на Егејска Македонија (денес во Грција) по чие течение е сместен градот Драма. Со должина од 75 км, Драматица е најголемата притока на Струма во Егејска Македонија. Тече низ Драмско и Серско.
(Подготви: Д. Г.)