Жителите на кичевското село Белица деновиве биле изненадени кога при сечење на стари црковни дрвја во нив наишле на необични гравури и шари од природата.

– Месната заедница и Црковниот одбор во Белица покренаа иницијатива да се исечат повеќе стари и големи стебла, за да се отвори видик од црквата низ целото село. Намерата беше со тоа и од секоја куќа да се гледа прекрасно уредениот двор од црквата „Св. Ѓоргија“. Во подножјето од ридот каде што е црквата беше пресчен огромен орев, чие стебло беше продадено за изработка на мебел, а остатокот беше даден на луѓе за огрев, раскажуваат беличани.

Како што објаснуваат на Фејсбук, еден дел од дрвата зел и Љупче Крчоски. Токму тој, пред неколку дена, сечејќи од дрвата, забележал необична шара.

– Од тоа дрво успеал да ги извади само овие три парчиња кои убаво ги истругал и излакирал. Погледнете која божја убавина прави природата, а кога е потпомогната од човечка рака останува за дар и украс. Затоа секогаш треба да се работи и придонесува за се што е свето и заедничко. Затоа организираме доброволни акции, како и таа в недела, на која треба да се дозаврши со расчистување на се што е започнато околу црквата, гробиштата кај поранешната училишна зграда и се што е наше заедничко, пишуваат беличани.

Тие додаваат дека работната акција в недела е потпомогната со ручек и пијалаци од фамилијата на Гордана Дукоска, ќерка на Димо Лангоски.

– Организациониот одбор од нашето село е благодарен на сите поддржувачи на овие хумани акци, кои придонесуваат за зајакнување на патриотскиот македонски дух. Да сте здрави и живи сите што во себе носите хумана човечка душа, која нема да дозволи пред своите очи да ни се уништува нашето село и да се распаѓа минатото. Сплотени секогаш сме посилни, порачуваат беличани.