Откорнати кровни конструкции, оштетени фасади на објекти, паднати дрвја, оштетени билборди и возила е билансот од силниот ветер што доцна синоќа дуваше во Скопје со брзина од над 100 километри на час.
Дел од последиците што ги остави силниот ветер можеа да се забележат и утринава.
Екипите на Град Скопје беа мобилизирани уште во текот на ноќта и до раните утрински часови работеа на санирање на штети.
Се отстрануваа паднатите лимени конструкции од зградите и откорнатите дрвја од улиците. Од налетот на силниот ветер не издржа ниту фасадата на зградата на МЕПСО. Паднатите дрвја и делови од покриви на згради предизвикаа застој во сообраќајот.
Градските власти цела ноќ беа на терен и на официјалните фејсбук профили информираа за новонастаната состојба.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој цела вечер на својот Фејсбук профил известуваше за санирањето на штетите, утринава изрази благодарност до службите на градот.
– Голема благодарност до службите на градот коишто неуморно работеа до раните утрински часови со цел да се отстранат препреките од улиците на Скопје. Се гордеам со Вас добри луѓе!!!, напиша Шилегов.
Управата за хидрометеоролошки работи претпладнево соопшти дека ветрот во Скопје бил со брзина од над 100 километри на час, а во западните делови од државата дувал со брзина од 70 километри на час. бак/са/
фото МИА