Древна старохристијанска црква е откриена во археолошките ископувања на подрачјето на турската покраина Невешир, односно Кападокија.
Според првите истражувања, подземната црква е изградена во карпи во 5. век, а според археолозите крие фрески и досега невидени глетки како што е цртежот на риба која паѓа од Христовата рака, Исусовото воскреснување и смртта на злите души.
– Црквата е поголема од другите пронајдени на подрачјето на Кападокија. Изградена е под земја, а нејзините изворни фрески преживеале се до денес. Кога почнавме со работите не ни сонувавме дека ќе пронајдеме вакви подземни комплекси. Ископувањето и чистењето одат понатаму и се надеваме дека наскоро ќе имаме нови податоци за историјата на Кападокија која така ќе стане уште позначајно одредиште за посети, изјавил градоначалникот на Невшир, Хасан Унвер.
Древната црква е откриена во археолошките истражувања во рамки на проектот на обнова на старото јадро на овој турски град, во чие средиште некогаш се наоѓала. Археолошкото подрачје покрива скоро 360 илјади квадратни метри и вклучува 11 квартови кои го опкружуваат целиот град.
Со оглед на тоа дека откритието се случило во јануари археолозите поради неповолните временски услови црквата ја исполниле со земја за да ја заштитат.
– Ги запревме сите работи за да ги заштитиме фреските и самата црква. На пролет, кога ќе затопли, ќе чекаме прво влагата да испари, а потоа ќе ја отстраниме сета земја. Потоа следува реставрација и чистење, фреските ќе бидат вратени во изворната состојба, објаснува Али Ајдин, еден од археолозите кои учествуваат во истражувањето и реставрацијата.
Ова откритие е само едно во низата археолошки откритија на подрачјето на некогашна Кападокија. Според досегашните истражувања откриени се околу 200 подземни градови од различни историски периоди, во кои живееле околу сто илјади жители. Повеќето градови имаат барем два подземни ката, а 36 од нив имаат три или повеќе катови. Најголем подземен град е секако Деринкуја, откриен 1963. година. Со своите 18 ката се протега во длабочина од 85 метри, а потекнува од 8 век пред Христа. Низ него поминува вода за пиење, има низа вентилациски системи, живеалишта, продавници, бунари, оружарници, гробишта и посебни отвори за бегство. Во градот е пронајдено и училиште и посебни простории во кои се чувале животни.
Барајќи засолниште пред римските прогонства, христијаните на подрачјето на Кападокија изградиле 36 подземни градови и околу 600 цркви од кои многу и денес привлекуваат бројни гости и туристи.